Одложен штрајкот на судската администрација, на повидок повисоки плати?
Штрајкот на судската администрација кој требаше да се одржи на 3 мај се одложува.
Синдикатот на УПОЗ добил ветување дека и вработените во судската администрација ќе добијат зголемување на надоместоците на плата до 35%.
Претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски на прес-конференција соопшти дека денеска биле информирани од министерот за правда дека иницијативата за зголемување на надоместоците за судските службеници поминала на владина седница и оти се задолжени Министерството за финансии и Судскиот совет да обезбедат средства.
„Со ова и вработените во судовите ќе се изедначат со надоместоците на плата кои ги добија јавните обвинители, јавнообвинителските службеници и судиите. Доколку во овој рок од 10-тина дена не биде реализиран заклучокот на Владата, правото на Синдикатот останува да го реализира штрајкот за што дополнително ќе го одредиме датумот“ - рече тој.
Со покачувањето на надоместоците до 35 % ќе бидат опфатени околу 2.300 лица.
