Одложен процесот против началник од УБК
Началникот на единицата за техничка поддршка во УБК, Насер Селмановиќ, е првиот обвинет за незаконито влијание врз сведоци, што наводно, го сторил во корист на Специјалното јавно обвинителство.
Судењето на Селмановиќ требаше да почне денеска, но бидејќи одбраната не ги видела сите докази на Обвинителството за гонење на организиран криминал, рочиштето се одложи. Тој е обвинет дека нудел поткуп на едно лице, за да се појави како сведок во постапка пред суд и да даде исказ во нечиј интерес. Неговиот адвокат Филип Медарски денеска од судијата побара рочиштето да се одложи, за што како причина го наведе увидот во доказите кои ги има обвинителството за организиран криминал. На 29 март годнава, Медарски рече дека видел само дел од доказите, денеска побара уште еден термин , судијата го одреди 15 април за Медарски и началникот во УБК, да ги видат сите докази.
За ова дело Кривичниот законик предвидува затворска казна од 1 до 3 години.
