Одличната соработка со Diners Club Македонија беше пресудна за КаСис АД да стане процесор и на меѓународната картична мрежа DINERS CLUB INTERNACIONAL (DCI)
По повеќемесечна интензивна соработка помеѓу Diners Club Македонија, Diners Club International и КаСис АД, како и сеопфатна и длабинска анализа на сите параметри, КаСис АД официјално станува процесор и на меѓународната картична мрежа DINERS CLUB INTERNACIONAL (DCI).
По тој повод разговараме со Филомена Пљаковска Аспровска, претседател на Управниот одбор и главен извршен директор на КаСис АД Скопје и Божидар Јанковски, извршен директор на Diners Club Македонија.
Што претходеше на ова партнерство?
Филомена Пљаковска Аспровска: Нашата долгогодишна успешна соработка со Diners Club Македонија беше пресудна за да ја добиеме оваа можност и да станеме официјален процесор на Diners Club International. Благодарение на довербата и поддршката што ја добивме од Diners Club Македонија, одбележувањето на 20 годишната успешна работа на КаСис го заокружуваме со еден ваков партнерски договор кој овозможува КаСис АД како процесор од областа на картичната индустрија да работи и има директни комуникациски врски со повеќе меѓународни мрежи.

КаСис е единствен независен процесор на територијата на Република Северна Македонија, сертифициран од страна на Mastercard и Visa и обезбедува услуги од доменот на картичната индустрија. Секогаш се стремиме да ги донесеме светските трендови од индустријата и да обезбедиме иновативна понуда на пазарот истовремено не правејќи никакви компромиси во обезбедување на висок степен на безбедност и оперативна доверливост за клиентите. Diners Club Македонија тоа секогаш го препознаваа и следствено нашата соработка се продлабочи и во доменот на издавање картички со чип и процесирање на трансакции.
Сѐ ова, како и нашиот иновативен пристап и практикувањето на меѓународно прифатените стандарди од индустријата би рекла дека се клучни и за реализација на оваа соработка со Diners Club International (DCI). Бесценето е да се биде процесор и на Diners Club мрежата. Нашиот труд и квалитет финишираа со успех по неколку месечниот “due diligence process”.
Што ќе овозможи соработката со КаСис за корисниците на Diners, какви бенефити може да очекуваат?
Божидар Јанковски: Преку ова партнерство, Diners Club Македонија до крајот на годината ќе почне со издавање платежни картички кои овозможуваат чип и бесконтактно плаќање, со што компанијата ќе застане рамо до рамо, на исто технолошко рамниште со конкуренцијата во земјава. Со тоа, нашите членови ќе добијат можност уште поедноставно и побезбедно да ги користат своите картички во Македонија и странство. Процесот кој многу компании, а пред сè банки го поминувале во период од неколку години, ние ќе се потрудиме да го завршиме за помалку од една година. Со тоа, покрај чип/бесконтактните картички, ќе поставиме и основа за примена на нови, најмодерни технологии во иднина, со што уште подобро ќе одговориме на барањата на нашите постоечки и нови членови, меѓу кои важен сегмент е најмладата „дигитална" генерација.

Како дел од целиот процес на модернизација, планираме поставување на претплатнички модел и различни нивоа на картички кои би имале различни услови и погодности.
Како гледате на ваквите партнерства во поширок контекст, од аспект на развој на индустријата и економијата?
Филомена Пљаковска Аспровска: Веруваме дека синергијата создадена низ годините, новите технологии и меѓусебната поддршка се од големо значење за успешна и долгорочна соработка, што ќе доведе до зацврстување на двата бренда и ќе отвори многу можности за развој на компаниите.
Евидентно е дека пандемијата поттикна трендови и создаде навики на зголемена потреба од електронски услуги и онлајн купување. Тимот на КаСис напорно работи за обезбедување на сите предуслови овие трендови да се задржат и е-трговијата континуирано да се движи во нагорна линија.
На развој на е-трговијата работиме од 2007 година, при што се втурнавме и започнавме едно „патување“ заедно со банките, изнаоѓајќи решенија поврзани со електронските канали за плаќање. Дадовме максимална поддршка во полето на електронската трговија за што сум особено горда на менаџментот на КаСис и на целиот наш тим.
Стануваме процесор и на меѓународната картична мрежа Diners Club International (DCI) за со заеднички сили да креираме иновативни и модерни продукти и услуги, од кои најголем бенефит ќе имаат македонските граѓани.
Со оглед на тоа дека пандемијата донесе “boost” во индустријата, кои се очекувањата на Дајнерс по однос на платежните услуги и e-commerce во државата?
Божидар
Јанковски: Пандемијата го
интензивираше растот и примената на бесконтактните плаќања, но исто така и
развојот на нови технологии како што се плаќање преку QR кодови и користењето
на дигитални паричници (wallets) за плаќање и зачувување на лични документи.
Онлајн купувањето стана секојдневие, делумно поради стравот од самата
пандемија, но делумно и поради едноставноста и флексибилноста која ја нуди.
Нашите очекувања се тие трендови да се засилат во иднина. Купувачите од една страна ќе бараат сè подобри и побрзи услуги. Од друга страна, целиот екосистем на компании на страна на понудата е веќе ставен во позиција каде или мора да иновира, или да се соочи со деловен неуспех, па така тоа ќе доведе до уште понапредни и побезбедни услуги кон купувачите.
Очекуваме платежните услуги да се движат во насока на целосна бесконтактност, користење на мобилните уреди за плаќање, но и прифаќање на трансакциите, а со тоа и постепено исфрлање на пластичните платежни картички кои сега ги познаваме. Се разбира, големо влијание очекуваме и од можното креирање на дигитална валута од Народна Банка во иднина, како и развојот на “blockchain” технологијата.
Планот е Diners Club Македонија да прерасне во финтек компанија која покрај редовното успешно кредитирање на физички лица, паралелно ќе пружа и модерни услуги кои ќе бидат додадена вредност на сегашниот модел, а со тоа ќе биде во првиот ред на компании кои ќе иновираат и применуваат нови технологии.
