Одбраната незадоволна, ќе ги обжали пресудите за „Монструм“
Одбрана не е задоволна од пресудата за случајот „Монструм“, со која денеска на доживотен затвор беа осудени шестмина од седумте обвинети за тероризам.
Адвокатите на осудените најавуваат жалба до повисоките судски инстанци, од кои очекуваат да ја укинат пресудата.
„Ова е далеку од правна држава, а тоа го покажува и оваа пресуда. Јас сметам дека оваа пресуда е донесена само врз основа на сомнение, без никакви докази и самото образложение наведува на огромни сомнежи за владеењето на правото во Република Македонија“, рече адвокатот на обвинетите Насер Рауфи.
Пред Кривичниот суд во Скопје и денеска беа собрани поголема група граѓани, роднини и пријатели на обвинетите, кои исто така не веруваат во исправноста на пресудата.
„Пресудата беше позната уште во мај пред две години, кога беа уапсени обвинетите, а денеска само стана јавна. Со тоа се докажува дека судијата само ги исполнува желбите на врвот на државата. Ова е голема неправда и не води никаде“, вели Бедри Ајдари, брат на еден осудените.
При излагањето на образложението на пресудата, судијата Ивица Стефановски рече дека петкраткото убиство претставува чин на згрозување на целата македонска јавност, кој ќе остане врежан во сеќавање на сите граѓани. Меѓутоа, како што изјави Стефановски, оваа постапка не треба да го доведе во прашање меѓуетничкиот соживот во Македонија. Тој истакна дека пресудата е донесена врз база на закон и докази, а не врз основа на емоции.
Фото: Принтскрин/А1он
Слично
