Одбиено барањето за изземање на Поп-Стефанија од „Тврдина“
Основниот суд Скопје 1 го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на судијката Александра Поп-Стефанија од случајот „Тврдина“.
Ова попладнево го соопшти судот. Одлуката ја донел заменик-претседателот на судот, Ивица Стефановски, затоа што претседателот, Владимир Панчевски бил на одмор.
„Во отсуство на претседателот на судот, кој користи денови од годишниот одмор, заменик-претседателот кој е овластен да го заменува и да потпишува решенија во отсуство на претседателот, поради истек на три дена од поднесувањето на барањето на СЈО, донесе решение со кое го одби барањето за изземање на судијата“- пишува во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
Барањето за изземање на Поп-Стефанија во судот стигна минатиот четврток додека траеше распитот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поради што судијката го прекина сослушувањето.
СЈО бараше изземање на Поп Стефанија токму во случајот со Јанкулоска затоа што екс министерката се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранок на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.
Барањето за изземање на судијката дојде откако таа ги отфрли барањата на СЈО за притвор и за мерки на претпазливост за Горан Грујовски, Гордана Јанулоска и за другите тројца осомничени и ја оспори надлежноста на Специјалното обвинителство за случајот „Тврдина“.
Во „Тврдина“ вкупно 5 осомничени лица се товарат за уништување на опремата за прислушување.
