Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од утре се очекува поскапување на лебот во повеќе градови

Од утре се очекува поскапување на лебот во повеќе градови

Од 1 април, во дел од пекарниците во Штип, Кочани, Прилеп и Битола се очекува повисока цена на одредени видови леб, покажуваат информациите што ги објави Телма. Станува збор за белиот леб од 450 грама, кој во моментов во дел од продавниците се продава за околу 35 денари, како и за стандардниот леб тип 500.

Според реакции на граѓани, во одредени продажни места веќе е забележана и повисока цена на сечканиот бел леб, кој достигнува до 40 денари.

За причините зад најавеното поскапување, пекарот Малинов вели дека производителите подолг период работеле со исти цени, иако трошоците во меѓувреме значително се зголемиле.

„Како што имам информации од колегите од Штип и од Кочани, ќе има поскапување на стандардниот леб тип 500, односно на несечениот леб, кој сега се продава по 30 денари. Се очекува цената да се зголеми за околу 3 до 5 денари, што значи дека продажната цена би изнесувала од 33 до 35 денари. Лебот подолго време не сме го покачиле, а трошоците значително ни се зголемени. Имам информации дека ќе има корекција на цената и кај пакуваниот леб“, вели Малинов.

Најавата за нови цени доаѓа во период кога веќе има раст кај повеќе основни производи. Во изминатиот период поскапеа зејтинот и јајцата, а граѓаните реагираат и на повисоките цени на зеленчукот на пазарите, особено на доматите и пиперките.

Серијата поскапувања дополнително го оптоварува домашниот буџет. Според последните податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија, синдикалната кошничка за три месеци е зголемена за повеќе од 2.000 денари.

Во меѓувреме, минималната плата е зголемена за 1.600 денари, но останува отворено прашањето дали тоа ќе биде доволно за да се ублажи ударот од растечките трошоци за живот.

Слично

Поврзани вести