ОД ТИНЕЈЏЕРИ ДО ПЕНЗИОНЕРИ: Koja возрасна група најмногу се иселува?
Од Македонија се иселуваат луѓе од сите возрасни групи, но најбројни во 2024 година биле оние кои се во четвртата и во третата деценија од животот, според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС).

Се иселиле 167 лица на возраст од 30 до 34 години. Понатаму, 227 луѓе кои се иселиле биле на возраст од 35 до 39 години. На возраст од 20 до 24 години, истата година се отселиле 198 лица, а во возрасната група од 25 до 29 години имало 165 лица. Овие млади луѓе фалат на македонскиот пазар на труд. Од компаниите кои бараат работници, но и од агенциите кои посредуваат при вработување велат дека во државата се чувствува дека има недостиг на млада работна сила.

„И на глобално ниво е така и се прелева работната сила од една во друга држава, односно нашите работници одат на Запад, а ние увезуваме работници од Исток, од Бангладеш, Непал, има дефицит на кадар“, велат од агенцијата Анторис од Скопје.
Во групата од 40 до 44 години во 2024 година се иселиле 177 лица. На возраст од 45 до 49 години биле 167 лица, а од 50 до 54 години биле 133 луѓе. Понатаму, на возраст од 55 до 59 години имало 117 луѓе кои се иселиле од државата. Се иселиле и 60 луѓе на возраст од 60 до 64 години. Во 2024 година се иселиле и 83 луѓе на возраст над 65 години.
„Има пензионери кои заминуваат во странство, за да им помагаат на децата и да ги чуваат внуците. Знам неколку такви примери, но сигурно ги има повеќе. Постарите лица се потребни како помош на децата, а не за вработување во странство“, вели Данче Даскаловска, претседателка на Здружeнието на пензионери од Струмица.
Во 2024 година, од Македонија се иселиле 81 дете на возраст до 4 години, додека 33 деца биле на возраст од 5 до 9 години, од 10 до 14 години биле 30 деца, а од 15 до 19 години се евидентирани 73.
Таа година се иселиле вкупно 1.711 луѓе, од кои 939 се машки, а бројот на иселени женски лица е 772.
Повисока бројка на иселени има од скопскиот регион од каде се иселиле 528 луѓе, додека од североисточниот регион се иселиле 404 луѓе, од полошко 88, од пелагонискиoт регион 5, од југоисточниот 44, од југозападен 131, од источен 185 и од вардарскиот 326.
Инаку, во 2023 година, се иселиле 127 луѓе постари од 65 години. Од европските земји, Македонија е трета по иселување според Евростат. Големо иселување Евростат регистрирал и од Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина(БиХ).
Сања Атанасовска