Oд Струмица масовно по бугарско државјанство
Се повеќе луѓе во Струмица поднесуваат документи за бугарско државјанство. Ова го покажуваат официјалните податоци на судот во Струмица.
Во септември, од вкупно поднесени 496 барања за издавање на уверенија за криминално досие, 340 се поврзани со издавањето на бугарско државјанство пренесуваат медиумите.
Од почетокот на октомври од вкупно 203 поднесени барања 180 се за бугарско државјанство.
Според запознаени извори барањето на документ за криминално досие е втора фаза од барањето за добивање на бугарскиот документ.
Лошата економска состојба, неизвесната иднина во Македонија, како и можноста да се работи во земјите членки на ЕУ, се меѓу главните причини секојдневно да расте бројот на поднесување молби за бугарски пасош.
Од струмичката канцеларија на Бугарскиот културен клуб во Македонија потврдуваат дека има огромен интерес за добивање на бугарскиот документ за лична идентификација. Старосната граница на македонските граѓани кои сакаат да имаат бугарски пасош е широка и се движи меѓу 20 и 60 години а нема јасен тренд и во финансиската состојба на барањето.
"Интересот е огромен. Телефонот не престанува да ѕвони. Луѓето се заинтересирани за самата постапка - Како се одвива, кој е најлесниот начин успешно да се заврши таа. За број не сакам да зборувам, бидејќи јас немам поим", вели Лазар Младенов, претседател на Бугарскиот културен клуб во Македонија.
Тој дополнил дека клубот од минатата година е дел од Државната агенција за Бугарите во странство и на тој начин може да издаваат документи за бугарско потекло на лица од Македонија, со кои тие можат полесно да добијат бугарски пасош.
Според податоци на бугарското Министерство за правда за периодот од 2005 до 2015 година биле поднесени над 120 000 молби за бугарско државјанство, од кои најголем дел се оние од Македонци.
