Од утре стартува увидот во Избирачкиот список
Утре започнува увидот во Избирачкиот список за претстојните априлски претседателски избори во земјата и ќе трае до 7 март.
Според Роковникот за извршување на изборните дејствија, ДИК најдоцна 15 дена од денот на распишувањето на изборите, го става Избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни единици и месни канцеларии. Увидот трае дваесет дена.
Исто така започнува и јавниот увид во посебните изводи на Избирачкиот список во Дипломатско-конзулартните претставништва на Македонија за лицата на привремена работа или престој во странство. Посебните изводи од Избирачкиот список ДИК преку Министерството за надворешни работи ги достави до ДКП-та.
До 7 март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП-та или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список. На 1 февруари, пак, започна да тече и рокот во кој граѓаните од дијаспората ќе можат да поднесат пријава за гласање за претседателските избори.
Преку веб-страната на ДИК (www.sec.mk) граѓаните исто така ќе можат да проверат дали ги има во Избирачкиот. За граѓаните да можат да ја употребат апликацијата и да проверат дали се во Избирачкиот список треба да го внесат матичниот број и кодот што ќе се појави на сликата.
Во известувањето кое стои на страната на ДИК се наведува дека Избирачкиот список е доставен до нив од страна на Државниот завод за статистика на 2 февруари оваа година. Тој, како што се посочува, е резултат на прво законско редовно ажурирање на податоците добиени од страна на Министерство за внатрешни работи во февруари 2014 година и содржи податоци за граѓаните со состојба заклучно со 1 февруари оваа година.
Од утре започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2 март.
Петтите претседателските избори во Македонија се закажани за 13 април.
