Од следниот месец ќе профункционира регистарот на цени на недвижности
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески, најави дека до крајот на следниот месец Катастарот ќе го пушти во употреба регистарот на цени на недвижности.
„Во тек се финални тестирања на системот, а ќе се извршат и обуки на нотарите со цел правилно по електронски пат да се доставуваат податоците до Катастарот“, истакна Трпески, оценувајќи ја годината што изминува како една од поуспешните.
Како што најави директорот на Агенцијата за катастар на недвижности од април следната година Катастарот планира да го стави во функција дистрибутивниот систем преку кој ќе се овозможи граѓаните и бизнис заедницата по електронски пат од дома да обезбедат имотен лист, копија од катастарски план, уверение за движење на имотот, како и други документи.
„Од мај догодина, пак, ќе се воспостави владиниот геопортал за националната инфраструктура на просторни податоци со кој ќе се поврзат 17 државни институции, а нивните геопросторни податоци ќе бидат достапни за граѓаните и за бизнис заедницата“, вели Трпески.
Меѓу клучните проекти што ги најавува Агенцијата за катастар на недвижности е и регистарот на градежно земјиште, што треба да профункционира до крајот на јуни. Во регистарот ќе се бидат опфатени сите донесени урбанистички планови, а преку системот ќе се поддржи постапката за донесување урбанистички планови, ќе може да се обезбедуваат податоци за видот и намената на предвидената градба, сопствениците на земјиштето на многу брз и едноставен начин било електронски или на шалтер ќе обебзедуваат услови за градба.
Досега, според Трпески, се дигитализирани 70 проценти од катастарските планови, а плановите се до крајот на ноември следната година 100 проценти од територијата на државата да биде покриена со дигитални катастарски планови.
Со инфраструктурниот катастар, што профункционира годинава, досега се евидентирани 23.000 километри инфраструктура и 141.000 точкести инфраструктури, односно базни станиви, антени, далекуводи.
Меѓу спроведените клучни реформ, според Трпески, е и поврзувањето на над 600 професионални корисници со електронскиот шалтер на Катастарот. Со тоа сите нотари, геодети, општини, извршители, дел од проценителите и банките работат исклучиво електронски со Катастарот, а веќе 50 проценти од вкупниот број предмети се по електронски пат.
Агенцијата за катастар на недвижности годинава изготвила и над 1.200 бесплатни геодетски елаборати за социјалната категорија граѓани, а такви активности најавува и за следната година.
Годинава цените на услугите на катастарот во просек се намалени за 16,1 процент, а на услугите кои ги даваат геодетските фирми за 10 проценти.
Слично
