Од СЈО проверуваат дали Талески потпишува документи од куќен притвор
Во општина Битола утрово пристигнале тројца истражители на Специјалното јавно обвинителство за да извршат увид во врска со спроведувањето на куќниот притвор врз градоначалникот Владимир Талески.
Од Специјалното јавно обвинителство велат дека тие се таму за да проверат дали евентуално има пропусти во спроведувањето на куќниот притвор, односно дали Талески потпишува документи и презема службени дејствија додека го издржува притворот.
Ако истражителите на СЈО утврдат дека има пропусти во спроведувањето на мерката, можно е да биде побарана промена на куќниот притвор со построга мерка за обезбедување на присуство.
СЈО ги товари Талески и уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, во случајот „Транспортер“.
Тој е во куќен притвор од 20 јуни, кога битолската полиција почна да ја спроведува мерката, што судија на претходна постапка му ја изрече на битолскиот градоначалник.
Талески само еднаш беше со СЈО на распит, но тогаш не даде прецизен одговор како ја води општината.
