Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од што „Гранит“ книжи 2,77 милиони евра профит?

Од што „Гранит“ книжи 2,77 милиони евра профит?

Најголемата домашна градежна компанија се најде во благо речено смешна сметководствена ситуација. Неговото вложување во акции на „Комерцијална банка“ на хартија т.е. сметководствено носи добивка од 2,77 милиони евра, а реално е само трошок за камата (ако се купени со кредит од истата банка и ако е без грејс период). Вредноста на акциите во банката носи капитална добивка што е 2,25 пати поголема од оперативната добивка од основната дејност. Сепак малите акционери да не се радуваат зашто менаџментот на „Гранит“ тешко веројатно ќе ги продаде акциите за кои досега не демантираше дека земал кредит од истата банка за да ги купи

Најголемата домашна градежна компанија „Гранит“ се проба во инвестирањето во акции и засега тоа е два пати попрофитабилно од основната дејност. Ова е резултат од официјалните податоци од неконсолидираниот биланс на успех објавен неодамна на Македонската берза за хартии од вредност.

„Гранит“ на денот кога го изготвил финансискиот квартален извештај за периодот јануари – септември има 2,77 милиони евра профит т.е капитална добивка остварена како разлика во куповната цена и тогаш актуелната пазарна цена на акцијата на „Комерцијална банка“. За Ваше потсетување, почитувани читатели, „Гранит“ оваа пролет (март – април) направи изненадување на очи на инвеститорската јавност и купи 113.700 акции со право на глас во „Комерцијална банка“ за што плати 7 милиони евра. До ден денеска менаџментот на „Гранит“ не собра храброст да одговори на прашањето дали акциите се платени со кредит или со сопствени средства. Тогаш акциите ги плати по цена од 3.750 денари по што следуваше нивни раст на пазарната цена која надмина 5.000 денари за акција, а неодамна се тргуваше и по цени од 5.400 денари. На денот на пресек акцијата на „Комерцијална банка“ за „Гранит“ значела капитална добивка од 2,77 милиони евра како што е прикажано во билансот на успех во ставката „нето сеопфатна останата добивка“. Сега по вчерашното тргување, кога би се ставила црта таа капитална добивка вреди помалку затоа што разликата по акција е 1.000 денари (вчерашната просечна цена) е 4.762 денари што значи дека добивката на „Гранит“ е 1,87 милиони евра.

Многу е интересно тоа што ова вложување на „Гранит“ му носи 2,25 пати поголема добивка одошто е добивката од оперативното работење. Таа за првите девет месеци изнесува 1,2 милиони евра и е за 58 отсто пониска од оперативната добивка остварена за истиот период во 2017 година.

Генерално „крвната слика“ односно финансиската состојба на „Гранит“ е значајно полоша годинава во однос на истиот период лани. Приходот од продажба е 40,72 милиони евра и е за 9 отсто понизок од лани, оперативните приходи се 42,73 милиони евра и се за 22 отсто пониски од лани, а приходите на домашен пазар се паднати за 8 отсто до ниво од 39,06 милиони евра. Нето добивката е 1,6 милиони евра и е за 47 отсто пониска од лани.


Р.Ф.

Фото: Гранит/Фејсбук профил

Слично

Поврзани вести