Од полноќ поевтинуваат горивата, дизелот за 7 денари, бензините до 4 денари по литар
Регулаторната комисија за енергетика ја донесе новата одлука за највисоките малопродажни цени на горивата, која ќе се применува од 00:01 часот на 23 јуни 2026 година. Со неа, малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 6,61 проценти во однос на претходната одлука од 15 јуни.
Најголемо намалување има кај ЕУРОДИЗЕЛОТ и екстра лесното масло за домаќинство, кои поевтинуваат за по 7 денари за литар. Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС изнесува 80,50 денари за литар, додека екстра лесното масло ќе се продава по 79,50 денари за литар.
Бензините исто така ќе се продаваат по пониски цени. ЕУРОСУПЕР БС 95 поевтинува за 3,50 денари и новата цена изнесува 84 денари за литар. ЕУРОСУПЕР БС 98 се намалува за 4 денари и ќе чини 86 денари за литар.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 3,932 денари за килограм, со што новата цена изнесува 42,291 денари за килограм.
Од РКЕ наведуваат дека намалувањето доаѓа поради пониските референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Кај бензините е регистрирано просечно намалување од 8,216 проценти, кај дизелот 12,699 проценти, кај екстра лесното масло 12,354 проценти, а кај мазутот околу 11,352 проценти.
Со претходната одлука од 15 јуни, ЕУРОСУПЕР 95 чинеше 87,50 денари, ЕУРОСУПЕР 98 беше 90 денари, дизелот 87,50 денари, а екстра лесното масло 86,50 денари за литар.
