Од почетокот на август ќе може да се споредуваат понудите за кредити помеѓу банките
Условите за одобрување - каматите, рочноста, вкупните трошоци за секој банкарски производ од август ќе се објавуваат потранспарентно на страниците на секоја банка одделно, но и на интернет страницата на Народната банка. Ова се предвидува во новите Насоки кои ги потпишаа гувернерката на НБМ, Анита Ангеловска Бежоска и Маја Стевкова Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација (МБА). Предвидуваат поголема транспарентност и достапност на сите податоци за банкарските производи за граѓаните, за да бидат заштитени како потрошувачи.
„Податоците да се објавуваат на видно назначено место на веб-страниците на банките и штедилниците, како и централизирано на веб-страницата на Народната банка и да се ажурираат редовно од страна на банките и штедилниците, а најмалку еднаш во тримесечјето. Објавата ќе ги опфати најрепрезентативните видови потрошувачки и станбени кредити за населението, како и најрепрезентативните видови депозити за населението кај банките и штедилниците. Покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, предвидено е објавите да вклучуваат и дополнителни подетални информации (како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување/кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други, објаснуваат од Народната банка.
Гувернерката Ангеловска Бежоска вели дека преку спроведувањето на Насоките, банките и штедилниците ќе почнат да ги објавуваат податоците за одделните банкарски производи во една стандардизирана форма, којашто ќе обезбеди поголема прегледност, споредливост на производите и воедно, поголема информираност на граѓаните.
„На овој начин, дејствуваме кон поголема заштита на потрошувачите, како и нивна едукација за одделни видови кредитни и депозитни производи, што ќе придонесе кон издржани одлуки за избор на производи коишто најдобро им одговараат на потребите на физичките лица“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
„Банките и штедилниците коишто се членки на Македонската банкарска асоцијација се транспарентни економски субјекти коишто редовно објавуваат податоци за своето работење. Со воспоставувањето стандардизиран пристап при објавувањето информации за депозитните и кредитните производи за населението, во согласност со Насоките коишто ги потпишавме, ќе се придонесе за уште поголема транспарентност и најважно, полесна споредливост на банкарските производи.“, истакна претседателката на МБА, Стевкова-Штериева.
Насоките коишто ги донесоа Народната банка и МБА ќе почнат да се применуваат од банките и штедилниците од почетокот на август.
