Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од отпад до визија: Како МИТ ГРУП од Куманово ја градеше иднината со помош на менторство

Од отпад до визија: Како МИТ ГРУП од Куманово ја градеше иднината со помош на менторство

Во ерата на одржливи вредности и еко-свест, МИТ ГРУП КОМПАНИ од Куманово не само што успеа да се позиционира како лидер во циркуларната економија, туку и покажа како добрата идеја, поддржана со стратешко менторство, може да создаде вистински импакт. Разговаравме со сопственикот Оливер Тасевски и менторот Сашо Велковски за нивната заедничка работа, резултатите и визијата за иднината.

Г-дин Тасевски, МИТ ГРУП е препознатлива по својата улога во циркуларната економија. Како дојдовте до оваа идеја и што ве водеше на почетокот?

Оливер Тасевски: Компанијата МИТ ГРУП КОМПАНИ е основана во 2015 година. Во моментов броиме околу 30 вработени во различни организациони единици, како производство и администрација. Ние сме единствената компанија во Македонија и пошироко на Балканот која се занимава со рециклирање и преработка на хартија, и добивање на готов производ од рециклирана хартија. Целта на нашата компанија отсекогаш била поврзана со подигање на свеста за екологија и заштита на животната средина. Идејата се роди токму од спознанието дека постои премногу отпад, а премалку креативни решенија за негово искористување.

Г-дин Велковски, како ментор, со какви предизвици се соочивте кога почнавте да работите со МИТ ГРУП?

Сашо Велковски: МИТ ГРУП е веќе зрело претпријатие, постои 10 години и бележи континуиран развој. Станува збор за еколошка производствена компанија со стабилни приходи, која сериозно придонесува кон зелената економија. Главниот предизвик беше како да се помогне на компанија која на прв поглед нема очигледни проблеми. Но, преку разговори со сопственикот, идентификувавме прашања поврзани со стратешко планирање и идни насоки на развој, особено во контекст на нови инвестиции.

Како дознавте за менторската програма и што ве натера да се пријавите?

Оливер Тасевски: За програмата дознав преку Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија – Куманово, со која имавме соработка и претходно. Верував во нивната стручност и ми се виде како одлична можност. Јас сум човек кој сака да учи и напредува, па одлучив да се пријавам. Не стануваше збор за конкретен проблем, туку за желба да добијам појасна слика за состојбата во претпријатието и стратешки да ги поставам идните цели.

Кој пристап го применивте во работата со компанијата? Каде беше најголемиот фокус?

Сашо Велковски: Работиме по јапонски стандардизирани менторски методи. Секогаш започнуваме со дијагноза, како основа за целокупната работа. Кај МИТ ГРУП, фокусот беше на идејата за нова инвестиција во опрема. Анализиравме пазар, потенцијал за развој на нови производи, извоз, организациски аспекти и човечки ресурси. Особено внимание посветивме на финансиската конструкција, бидејќи се работеше за поголема инвестиција.

Кои беа најголемите промени што ги направивте како резултат на менторството?

Оливер Тасевски: Менторот најпрвин направи дијагноза за постоечката состојба на компанијата. Потоа дискутиравме за идните можности – нови производи, проширување, инвестиции. Јас веќе имав идеја за нова автоматска линија за производство, но ми требаше стратешка поддршка за да донесам конечна одлука. За време на менторскиот процес, направивме заедничко истражување на пазарот и изработивме акциски план. Тоа ми помогна да ја зајакнам одлуката и да го затворам финансирањето, особено со информациите за грантови.

Кои резултати ги сметате за најзначајни од оваа менторска соработка?

Сашо Велковски: Најголемиот резултат е реализацијата на инвестицијата во нова опрема – и тоа порано од планираното. Акцискиот план беше остварен 90%, што е извонредно. Компанијата сега има поголем капацитет, поширока палета на производи и присуство на нови пазари. Тоа ја зголемува конкурентноста и е добра основа за долгорочен раст.

МИТ ГРУП е во фаза на раст. Кои се следните чекори?

Оливер Тасевски: Новата линија овозможува производство на пакувања за други индустрии, не само за живинарството. Пазарот се шири – сѐ повеќе се заменуваат нерециклирачки материјали со хартија. Планот е да излеземе надвор од домашниот пазар и да започнеме со извоз во регионот и Европа.


Дали сметате дека менторската програма е вредна алатка за други компании?

Оливер Тасевски: Апсолутно. Управувањето со мал или среден бизнис значи носење одлуки од разни области. Менторот не е некој што ти ја одзема контролата, туку пријател на претпријатието што носи нови перспективи. Секако би продолжил со слична соработка.

Сашо Велковски: Програмата е ретка можност да се имплементираат јапонски искуства кај нас. Секој бизнис – нов или зрел – има потреба од менторство. Тоа е двонасочен процес, базиран на доверба и отвореност. Особено ми беше чест да работам со МИТ ГРУП и со г-дин Тасевски, со кого имавме исклучително плодна соработка.

Слично

Поврзани вести