ОД ОСИГУРИТЕЛНА КОМПАНИЈА: НЛБ банка поврати 80 проценти за ланскиот грабеж
Над два милиони евра или 80 проценти од трите милиони евра успеала да поврати НЛБ банка откако лани се соочи со грабеж од вработен во банката и негови соработници.
Како што соопштуваат дел од медиумите лани во декември банката склучила спогодба со осигурителна компанија за надомест на 80 проценти од штетата.
„Другиот дел од штетата во износ од над 35 милиони денари банката го евидентираше како трошок во билансот на успехот заклучно со 31.12.2017 година на позицијата останати расходи од дејноста“, соопштија од банката.
Грабежот беше извршен лани во април, а кон крајот на годината беше донесена и првостепената пресуда за обвинетите.
Првиот осомничен Бобан Смилевски доби девет години и два месеци затвор, додека неговиот брат Горан Смилевски, кој како и Бобан се товареше за тешка кражба и затајување, е осуден на шест години и шест месеци.
Борис Мичевски кој според обвинителниот акт наводно ги превезол украдените пари, доби казна од пет години и два месеци.
Она што остана тајна во овој случај е тоа што не се откри барем засега каде се парите.
