Од МОСТ тврдат дека институциите не обезбедија услови за фер избори
Владата на Република Македонија и останатите институции не успеаја да обезбедат услови за одржување на фер и кредибилни избори на 5 јуни, соопштуваат од МОСТ.
МОСТ укажуваше и на злоупотреба на државни ресурси за партиски цели, непостоење на поделеност на државата и партијата, како и притисоци врз вработените во администрацијата.
„Формата во која првично беше објавен Избирачкиот список и можноста за пријавување на сомнителни гласачи придонесоа до ДИК да пристигнат 6.795 пријави за сомнителни гласачи. Сепак, до денес ДИК се уште не постапила по околу 3.000 пријави, односно проверени се само оние гласачи кои се појавиле во резултатите од вкрстените проверки. Го прашуваме мнозинството кое одлучува во ДИК како ќе обезбеди еднаквост на правото на глас, имајќи предвид дека изборните единици 3, 4 и 6 веќе го надминуваат дозволеното отстапување од +/-5% во однос на просечниот број на избирачи по изборна единица. Сите овие постапки споменати претходно не влеваат доверба кај јавноста во процесот на прочистување на Избирачкиот список, а следствено на тоа и во неговиот квалитет. Секој треба да е свесен дека непочитувањето на законот предвидува и санкции и дека еден ден ќе се направи ревизија на комплетното работење и законитоста во постапувањето на членовите на овој состав на ДИК“ - велат од МОСТ.
Прашуваат колку средства се потрошени за спроведување на вкрстените проверки на Избирачкиот список, како и за теренската проверка. Од МОСТ сметаат дека теренската проверка на Избирачкиот список не беше спроведена транспарентно.
Од декември лани, МОСТ распореди 80 набљудувачи во сите општини во РМ и будно ја следеше работата на ДИК, како и активностите на јавните институции и политичките партии, во насока на обезбедување на услови за одржување на фер и кредибилни избори.
