Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од Крушевац до врвот на BMW: Милан Недељковиќ официјално го презеде баварскиот гигант

Од Крушевац до врвот на BMW: Милан Недељковиќ официјално го презеде баварскиот гигант

На местото претседател на Управниот одбор на BMW AG, на кое досега беше Оливер Ципсе, официјално дојде Милан Недељковиќ, менаџер со српско потекло, кој досега беше директор за производство.  

- Со „Новата класа“ (Neue Klasse) на патиштата носиме генерација возила која поставува технолошки и емоционални стандарди. 

Профитабилноста и брзината се клучни во ова динамично опкружување - порача Недељковиќ при преземањето на функцијата. 

Оливер Ципсе се прости од компанијата со емотивни зборови, истакнувајќи дека му било чест седум години да води „исклучителен тим кој со страст ја обликува мобилноста на иднината“, наведено е на веб-страницата на BMW.  

Оваа промена, која стапи на сила на 14 мај, означува почеток на нова ера за баварскиот гигант, во момент кога автомобилската индустрија се наоѓа на клучна пресвртница кон целосна дигитализација и електрична мобилност.  

Кој е Милан Недељковиќ, новиот шеф на BMW?

Според официјалните биографски податоци на BMW групацијата и релевантни извори, Милан Недељковиќ е роден на 11 март 1969 година во Крушевац. 

Многу рано, уште на почетокот на седумдесеттите години од минатиот век, неговото семејство се преселило во Германија. Недељковиќ пораснал во германскиот град Вупертал, каде што завршил основно и средно образование, пред да замине на студии во Ахен.  

Недељковиќ ја носи титулата доктор на инженерски науки, а образованието го стекнал на престижни светски факултети.  


Машинство студирал во Ахен, се усовршувал на престижниот Масачусетски институт за технологија – MIT, а докторирал на Техничкиот универзитет во Минхен – TUM во 2024 година.  

Кариерата во BMW групацијата ја почнал уште во 1993 година како приправник, а во 2019 година станал член на Управниот одбор задолжен за производство. 

 Недељковиќ важи за експерт со огромно меѓународно искуство. Управувал со фабриките во Оксфорд, Лајпциг и Минхен, а неговиот мандат на чело на компанијата е предвиден до 2031 година.  

Оженет е и татко на три деца, а има двојно државјанство – српско и германско, претходно наведе германскиот „Manager Magazin“.  

Неговиот договор како генерален директор трае до 2031 година.

Извори: BMW Group PressClub, Reuters, Блиц

Фото: Принтскрин/Икс 

Слично

Поврзани вести