Од кои две земји најмногу доаѓа фалц- стока?
Турција и Кина се
двете земји од кои доаѓа лавовски дел од стоката која македонските цариници
привремено ја заплениле поради основано соменение дека повредуваат права од
интелектуална сопственост. Попрецизно, во периодот од јануари до септември
годинава, од Турција потекнуваат 45 отсто од производите за кои цариниците
побарале доказ дека не се фалсификат, додека кинеските сомнителни производи
имаат учество од 36 отсто, односно од овие две земји потекнуваат дури 81 отсто
од привремено задржаните
стоки поради основано
сомневање за повреда на права од интелектуална сопственост.
Според податоците од Царинската управа, во првите девет месеци, во 46 акции привремено се задржани 87.947 парчиња сомнителна стока. Најсомнителни се козметичките производи и тие учествуваат со 34 отсто во вкупниот број привремено задржани стоки, следат текстилни производи со учество од 18 отсто, обувки со учество од 10 отсто и други производи со учество од 42 отсто.
Врз основа на потврдената повреда на правата од интелектуална сопственост, во периодот јануари- септември 2018 година, под царински надзор беа уништени 3.254 парчиња фалсификувани производи (600 парчиња футроли за мобилни телефони, 450 пара влечки, 384 пара чорапи, 366 парчиња детски комплети, 327 парчиња блузи, 297 парчиња тренерки, 144 парчиња играчки, 118 парчиња паричници, 97 парчиња пластични капачиња за автомобили, 88 парчиња дресови, 80 парчиња очила за сонце, 65 парчиња ташни, 60 парчиња фармерки, 60 парчиња ремени, 50 парчиња џојстици, 35 пара спортски обувки, 18 парчиња јакни, 9 парчиња дуксери, 5 парчиња вратоврски, 4 парчиња шал и капа, 3 парчиња џемпери, 2 парчиња дијагностички уреди за моторни возила и 2 парчиња долен веш.
- Еден од главните приоритети ни е унапредување на институционалниот и административниот капацитет за ефикасна и ефективна борба против фалсификатите и пиратеријата, преку воведување на зајакнати мерки на царинска контрола за откривање и спречување на увоз, транзит и извоз на стоки што го повредуваат правото од интелектуална сопственост, како и зголемена соработка со носителите на ова право и нивните застапници во Република Македонија, од една страна, како и со сите надлежни институции во земјата и странство, од друга. Преземаме бројни активности во борбата против фалсификувањето и пиратеријата и ќе продолжи со оваа борба во насока на заштита на животот, здравјето и безбедноста на граѓаните, економијата и буџетот на државата и општеството во целина- велат во Царината.
Инаку, до крајот од септември во Царинската управа бројот на регистрирани барања за царинска заштита на трговски марки во однос на права од интелектуална сопственост изнесува 991, додека на крајот на 2017 година изнесуваше 970. Меѓу новоподнесените барања се „Битс“, „Мињони“, „Патек Филип“, „Барби“, „Монстер хај“, „Блек и Декер“ и други/.
Фалсификуваната стока се уништува, но ако станува збор за облека и обувки, законот дозволува откако ќе биде ребрендирана, односно отстранети логоата и марките, да биде донирана на социјално загрозени граѓани. Во овој период, со одлука на Владата, бесплатно се остапени 1.514 парчиња стока на евидентирани приматели на социјална помош.
(М.Б.)
