Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од кого купи ЕСМ струја за 220 милиони евра?

Од кого купи ЕСМ струја за 220 милиони евра?

АД ЕСМ минатата година купил струја, односно електрична енергија која не ја произвел, за 13.337.792.000 денари, или за 218 милиони евра, покажува финансискиот извештај за минатата година што го објави електроенергетската компанија.

Од гасната централа ТЕ-ТО била купена електрична енергија за една година во вредност од 3.476.547.000 денари (околу 57 милиони евра). Како што велат од државни електрани, струјата од когенеративната централа била купувана по 41 евро од мегаватчас во првата и 48 евра по мегаватчас во втората половина од годината за поддршка на загубите кај Електродистрибуција и МЕПСО.

Од термоцентралата ТЕЦ Неготино, која беше активирана во енергетската криза за да создава струја од мазут, била купена електрична енергија по истата цена за вкупна сума од 5.478.477.000 денари (околу 90 милиони евра).

На трето место е увозната електрична енергија која била купувана од снабдувачите преку распишани огласи. Тука, преку ЕСМ Продажба биле потрошени 3.101.894.000 денари (околу 50 милиони евра) во текот на годината.

Во последната група е електричната енергија која била непланирано повлечена од европскиот електроенергетски систем како отстапување преку операторот на системот за пренос МЕПСО во висина од 1.280.874.000 денари (21 милиони евра).

Ваквиот тип на купопродажби се многу повисоки во однос на претходните години во работењето на ЕСМ и 2022 ја прават неспоредливо рекордна година. Ако материјалните трошоци биле 10,3 милијарди денари 2021, во 2022 тие  изнесувале 23,58 милијарди (386,5 милиони евра).

А.К.


Слично

Поврзани вести