Од каде ЕВН Хоме ќе најде 30 отсто струја за следната година и како тоа ќе се одрази на сметките за домаќинствата?
Државната компанија АД ЕСМ од почетокот на следната година нема целосно да ги покрива потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Следната година, наместо досегашните 100 проценти, ќе обезбедува најмногу 70 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Ова, како што рече вчера министерката за енергетика, Сања Божиновска, е последната обврска од реформската агенда.
– Што се однесува до исполнување на обврските од реформската агенда, од секторот енергетика се исполнети сите. Работиме и на последниот, а тоа е намалување на интервенција, односно од 100 отсто што ЕСМ ги дава на универзалниот снабдувач, ќе бидат 70 отсто, со тоа што за оваа година веќе тендерот е завршен. За следната година ЕСМ нема да дава 100 отсто, туку ќе дава максимум 70 отсто на универзалниот снабдувач. Ако ги гледаме цените како се нула во овој период и колку многу има повеќе електрична енергија и дека веќе и Грција извезува, јас мислам дека може да се очекува намалување на овие цени, меѓутоа, тоа е сепак берза, може да има и скокови и падови. Тренд е дека сега има многу ниски цени и нули. Секако дека имаме и план Б. Како што одлучивме дека ќе има 70 отсто, ние секогаш се грижиме граѓаните да имаат електрична енергија. Ќе видиме како одат трендовите. Сега за сега се дека има многу евтина електрична енергија – изјави министерката по брифингот со новинарите.
„Фактор“ праша од каде планира ЕВН Хоме како универзален снабдувач да го набави остатокот на електрична енергија што е потребен и дали тоа ќе има влијание на цената на електричната енергија. Од таму ни рекоа дека информацијата само што ја добиле во текот на вчерашниот ден.„Информацијата од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во врска со испорака од страна на АД ЕСМ на 70% електрична енергија за потребите на потрошувачите на ЕВН Хоме како универзален снабдувач, ја добивме вчера и во моментов истата се анализира. Поради тоа, во оваа фаза не сме во можност да дадеме конкретни одговори, сè додека не се изврши соодветна анализа“, ни рекоа од страна на универзалниот снабдувач.

Во меѓувреме Регулаторната комисија за енергетика во објавениот извештај за 2025 ги изнесе информациите од каде ЕВН Хоме купувала електрична енергија за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи што се на слободниот пазар. Убедливо најголем дел од набавката на електрична енергија била од државните електрани, односно од АД ЕСМ и тоа 3,5 милиони мегаватчасови.
Останатиот дел, што е далеку помал, ЕВН Хоме го надополнувал од повластените производители од обновливи извори на енергија чие производство е ограничено, како и преку домашната берза од снабдувачи-учесници, од каде што купувањето на струја за една година се зголемило за шест пати, но сепак и натаму е симболично во однос на количините што се обезбедуваат од ЕСМ.
Просечната цена по која струјата ЕВН ја купувал од ЕСМ во 2025 била по 3.819 денари по мегаватчас. Од друга страна, цената по која ЕВН ја купувал струјата наменета за домаќинствата преку берзата во 2025 во просек била многу повисока - 8.297 денари по мегаватчас. Според тоа, останува да се види како оваа одлука од страна на државата ќе влијае на конечната цена што ќе биде одредена за универзалниот снабдувач.
А.К.
