Од јуни Србија најавува производство на хуманоидни роботи
Србија од јуни треба да започне со производство на хуманоидни роботи, најави првиот вицепремиер и министер за финансии Синиша Мали, според кого земјата би била прва во Европа со вакво производство.
Мали во изјава за ТВ Прва рече дека во Србија годишно би се произведувале од 1.000 до 2.000 хуманоидни роботи. Според најавите, роботите треба да бидат дел и од специјализираната изложба Експо 2027, што следната година ќе се одржи во Белград.
Проектот е замислен во повеќе фази. Првата фаза се однесува на почеток на производството, додека следните фази треба да вклучат центри за обука на роботите и употреба на вештачка интелигенција, со цел тие да можат да извршуваат задачи во различни сектори.
Според Мали, инвестициите поврзани со роботите треба да бидат лоцирани во Шабац, а паралелно се најавуваат и нови фабрики во Ниш, Нови Сад, Ќуприја и Лозница. Тој тврди дека кинеските партнери носат нови технологии, иновации и вештачка интелигенција во српската индустрија.
Најавата доаѓа по посетата на српската делегација во Кина. Претходно, српската влада соопшти дека претседателот Александар Вучиќ најавил оти производството на хуманоидни роботи во Србија треба да почне за помалку од два месеца, а земјата да се позиционира меѓу технолошки понапредните во Европа.
Според информациите објавени за време на посетата, Србија планира и капацитети каде што роботите ќе се развиваат и обучуваат. Вучиќ изјавил дека земјата наскоро ќе има и објект за обука на роботи, што се вклопува во пошироката соработка со кинески компании во областа на напредната индустрија и автоматизацијата.
