Од игри на среќа 70 милиони денари за организации, здруженија и Црвениот крст
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски на денешната прес конференција кажа дека наместо како досега 66 милиони , 70 милиони денари ќе се одвојуваат за финансирање на програмските активности на национални и инвалидски организации, здруженијата и нивни асоцијации, здруженијата за борба против семејно насилство и Црвениот крст.
Тие пари ги доделува Министерството за труд и социјална политика а според Бошњаковски со информацијата за измените на годишната програма за финансирање на програмските активности усвоени завчера на седница на Владата ќе се финансираат дополнителни програмски активности на Црвениот крст, кој ќе го спроведува проектот „бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права“.
Црвениот крст во иднина ќе ги реализира тие активности а организацијата ќе обезбедува пансионски услуги за корисниците и волонтери за поддршка на реализација на проектот.
