Економија, финансии, бизнис

Контакт

Петарди на улица, МВР во акција, демне опасност од пиротехнички средства!

Петарди на улица, МВР во акција, демне опасност од пиротехнички средства!
Нема играње со оган! Од наивна игра со петарди до инвалидитет за цел живот-алармираат лекарите.Новогодишната радост според лошите искуства на пациентите, може лесно да се претвори во кошмар. Секоја Нова година и околу празниците, на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и на Ургентниот центар, по десетина деца завршуваат со повреди на рацете и лицето предизвикани од неправилна употреба на пиротехнички средства.  “Повредите на рацете и на лицето предизвикани од петарди или огнено оружје се чести во овој период на годината. Изгореници, контузии па дури и ампутации. Спаѓаат во групата на склопетарни или експлозивни повреди од оружје , а најчесто во вакви случаи страдаат децата. Поради незнаење и невнимание тие пиротехниката ја сметаат за играчка, која на прв поглед го привлекува нивното внимание, но со неправилна употреба може да има фатални последици. Од ваквите повреди нема заштита. Пациентите ни ги пренесуваат своите искуства со овие лесно запалливи предмети, па така заради поубав ефект честопати дотураат во цевката и флуоресцентни честички кои ги гребат од кибритите и добиваат подобар ефект кога ќе ги запалат петардите или помалите огномети. Но, тие честички доколку петардата пукне во рака, ја бојата кожата, таа станува зелена и истата навлегува под кожата кадешто се таложат честичките кои е многу тешко целосно да ги извадите, бидејќи се како црни иглички. Многупати ни се случува да се изгубат и по неколку прсти, па дури сме имале пациенти кои целата дланка ја повредиле. Верувајте, малото невнимание може скапо да ги чини и децата и родителите, бидејќи потоа треба да се направат неколку сложени операции кои неможат во целост да ја поправат работата”-вели проф. д-р Смиља Туџарова Ѓорѓова -од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Посебно се опасни експлозивните направи кои децата сами ги прават на своја рака. Тоа се најчесто стаклени шишиња во кои ставаат експлозив и тогаш ги активираат на одредена оддалеченост. Бидејќи доаѓа до распрскување на стаклото, може да доведе до уште потешки повреди. Родители: Внимателно со петардите! Родителите, вели д-р Туџарова, честопати се поголеми деца и од најмладите. Па така од желба да им направат мала забава на децата не сваќаат дека лесно ги доведуваат во опасност. Не минути, туку секунди се во прашање кога се работи за опасност од експлозија, затоа превенцијата лежи во советувањето на децата, но и поголема внимателност кај возрасните. “Имавме пример на пациент кој си го земал синчето во скут и од невнимание додека му покажувал какво изненадување ќе му приреди, петардата пукнала во неговата и раката на детето. И двајцата беа со прилично лоши повреди, што доведуваат до непријатна и неубава слика. Едно детенце –пациент на десетина години, поради петарда со поголема експлозивна моќ, доби трајно оштетување на видот на десното око. Пациентите кога ќе дојдат со некој ваков проблем, доаѓаат и со свои приказни. Па така еден од нив, ни раскажа дека за да добијат поголем ефект и да направат огномет кој ќе се памети, комбинирале на своја рака повеќе петарди и пиротехнички средства и ги ставиле во буре.Тоа според нив, било огнометна елка, која е потенцијална своевидна бомба, која лесно може да повреди некого. Но, во тие моменти не размислуваат така. Реагираат кога веќе е доцна. Последиците, се пак ќе речам , големи. Наивната игра може да доведе до траен инвалидитет, нагрдување и оштетување на некој дел од телото, и покрај нашата целосна посветеност како лекари да помогнеме, во некои случаи сме навистина немоќни”-потенцира д-р Туџарова. Повреди- психички трауми! Телесните повреди, особено оние предизвикани од невнимание, покрај грижата на совест оставаат траги и врз психата –велат психолозите. Трајниот инвалидитет го поттикнува стравот и недовербата кон надворешната околина, неприфаќањето и мислата дека секој прво ќе го забележи надворешниот изглед и повредата, а потоа и самата личност.Потоа многу тешко е кај повредите со петарди кои најчесто се однесуваат на рацете, бидејќи создаваат проблеми со пишувањето, а оние кај очите покрај проблеми со видот доведуваат до трајни нагрдувања на надворешниот изглед. Оттука, треба да се биде крајно внимателен со опасните “игри” кои може да доведат до психо-физички проблеми кои се печат за цел живот-предупредуваат психолозите. Психиучките последици се големи и заради нагрденост во зависнот кој дел од телото е повреден, рацете, лицето, очите. Бидејќи вакви несакани моменти доживуваат најчесто млади луѓе, тие овој проблем ќе го носат во и со себе. Се соочуваат често со сожалување на околината, наведнати погледи и вртење на главата на друга страна. Тоа ги прави да чувствуваат срам од себе и директно им ја руши самодовербата, ги турка во депресија па дури и до суицидални мисли. Затоа, превенцијата и совет од повозрасните, во насока да не експериментираат со пиротехника е најважен-вели Мирјана Јовановска- Стојановска-психолог-психотерапевт. МВР во акција, препродавачите на улица! Од Министерството за внатрешни работи велат дека во овој период од годината превземаат дополнителни акции за лов на дилерите и препродавачите на пиротехнички средства, за кои следуваат и соодветни пријави. Во три контроли во автомобили во главниот град, минатата недела полицијата запленила повеќе од 100.000 разни пиротехнички средства. Според податоците на Секторот за превенција, минатата година биле запленети 250 000 петарди, за кои се поднесени кривични пријави. Откриени се 35 случаи. “Купувањето и активирањето на петарди или пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра. Доколку се набавуваат и дистрибуираат на пазарот, тоа претставува кривично дело за кое е предвидена парична или казна затвор до 3 години, а родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра, доколку нивните деца пукаат петарди”-велат од секторот за превенција. На пазарите пак, се бара петарда повеќе! Популарните „пиратки“ во овој период лесно може да се најдат на пазар, на улица, и на раскрсници на прометните улици низ градот. Имаат стандардна цена веќе со години, па така една кутија од 100 парчиња, чини околу 100 денари, но предизвикува и стотина проблеми во кои лесно се влегува, но тешко се наоѓа излез. С.Б.
Слично

Поврзани вести