Од Грција во Европа ќе заминат 35.000 бегалци
Од камповите во континентална Грција, 35.000 бегалци би требало да бидат преместени во други европски држави во следните две години, пишува весникот „Катимерини“. До крајот на јули треба да заврши процесот за претходна регистрација, кој го спроведуваат Службата за азил во соработка со УНХЦР и Европската канцеларија за поддршка на азил (ЕКПА). Со програмата се опфтени лица кои влегле во земјата од 1 јануари 2015 до 19 март годинава. Тие ќе почнат процес за добивање на азил во Грција и ќе добијат пристап до шемата на ЕУ за преместување. Бегалците кои нема да ја испочитуваат постапката, ќе се сметаат за илегалци и ќе бидат депортирани. Ситуацијата е поинаква за околу 8.556 мигранти и бегалци „заглавени“ на островите Лезбос, Самос, Хиос, Лерос и Кос. Тие пристигнале по 19 март, откако беше потпишан договорот за миграција меѓу ЕУ и Анкара, а властите во моментов ги испитуваат нивните барања за азил. Кандидатите кои успешно ќе ја завршат постапката ќе бидат префрлени на грчкото копно, но нема да имаат пристап до програмата за релокација. Остатанатите ќе бидат вратени во Турција.
