Од етер исклучени најпопуларните странски канали, од ММА демантираат секаков притисок врз АВМУ
Неколку популарни странски канали како што се „Нешнл џеографик“, „Фокс лајф“, „Минимакс“, „Ем-Ти-Ви“ музичкиот сервис во петокот беа исклучени од кабелските оператори во Македонија на барање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
ММА - (Македонската медиумска асоцијација), денеска излезе со негирање дека на нејзино барање, Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги сугерирала прекин на емитувањето на неколку странски канали. Асоцијацијата бара законските одредби да се применуваат подеднакво за сите медиуми и телевизии, велат од ММА.
– ММА сака да ги демантира шпекулациите што се појавија во дел од македонскиот печат дека наводно под притисок на македонските национални телевизии се симнати одредени таканаречени најпопуларни странски канали, кај некои од кабелските оператори, изјави на прес-конференција заменик-претседателот на ММА Атанас Кировски, директор и главен уредник на ТВ Телма.
Според нив АВМУ (Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги) ги исклучила тие неколку канали поради работењето кое е во спротивност со законските регулативи во Република Македонија.
Причината како што наведуваат од АВМУ е реемитување на каналите во Македонија, кое е спротивно на склучените договори. При контрола Агенцијата утврдила дека програмските содржини на тие сервиси не се реемитуваат во согласност со лиценцата за вршење радиодифузна дејност за наведените програмски сервиси.
„Не станува збор за никаков притисок туку за почитување на закон и за меѓународно право. Се знае што значи реемитување, тоа е без никаква интервенција во програмата и во рекламите. Во договорот на кабелскиот оператор е дефинирано на кој јазик оди програмата, а на кој рекламите. На пример, во случајот на Минимакс, програмата треба да е на српски, а рекламите на романски. Така беше до пред десетина дена. Потоа почнаа реклами на српски. По укажувањето на Агенцијата, сите кабелски оператори го исклучија, освен еден, кој не сакаше да го прими решението”, изјавил за Вест Директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски.
Од АВМУ информирале дека исклучените канали ќе бидат вратени во етер веднаш штом ќе биде решен проблемот.
Агенцијата објасни дека инсистира на почитување на регулативата, зашто македонските електронски и печатени медиуми се тие кои губат доколку рекламите, наместо кај нив, одат надвор. Тоа значи зафаќање во рекламниот колач на домашните телевизии, без дозвола тие реклами да се прикажуваат пред македонските гледачи, пишува Вест.
Да потсетиме дека во ММА членуваат приватните национални телевизии Канал 5, Телма, Сител, Алсат М и Алфа.
