ОД ДРЖАВАТА И ДО 5.000 ЕВРА ЗА КУПУВАЊЕ НА Е-АВТОМОБИЛИ И ХИБРИДИ - српското министерство ги зголеми субвенциите, оваа година поголема побарувачка од планираната
Трета година по ред Министерството за заштита на животната средина на Србија субвенционира набавка на нови електрични или хибридни возила, со цел да се поттикне користењето на еколошки начин на транспорт, а годинава досега има најголем интерес за субвенции, и тоа за 625 возила, така што се обезбедени дополнителни средства.
Иако годинава е утврдена најголемата сума за субвенции досега, побарувачката значително ги надмина планираните 150 милиони динари, па ресорното министерство издвои дополнителни средства од буџетот за поддршка на сите заинтересирани за набавка на електрични и хибридни возила, соопштуваат од Министерството.
Вкупниот број на субвенционирани возила годинава изнесува 625, што претставува најголем интерес досега за стимулации за набавка на еко возила.
Во 2020 година субвенционирана е набавка на 112 нови возила, а во 2021 година 446 нови возила.
Субвенциите се доделуваат според посебна регулатива што ја издава Владата на Србија за секоја година, како дел од спроведувањето на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот и подобрување на животната средина.
Право на субвенција за купување на еколошки возила можат да остварат граѓани, правни лица и претприемачи кои поднеле барање најдоцна до 31 октомври, а висината на субвенцијата се движи од 250 до 5.000 евра во зависност од видот на возилото.
Помасовната употреба на еколошки возила е од големо значење за намалување на загадувањето на воздухот од сообраќајот.
Во Србија постојано се зголемува бројот на електрични и хибридни возила, за што придонесуваат и државните стимулации, кои ќе продолжат и следната година со донесување на новата Регулатива за условите и начините на спроведување на субвенционираната набавка на нови возила со исклучиво електричен погон, како и возила со мотор со внатрешно согорување и електричен погон (хибриден погон).
