ОД ДЕНЕСКА СЕ ПРАВИ НАДОЛНАТА КОРЕКЦИЈА - од Владата тврдат, цените на основните производи се намалени од 5 до 10 отсто
Од Владатга преку соопштение се пофалија дека нивната мерка за замрзнување на маржата дала резултат, а корекцијата на цените се прави веќе од денес. Нагласуваат дека цените на основните производи се намалиле и до 10 отсто.
„Одлуката на Владата за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените, веднаш даде резултат. Цените на основните производи се намалени за 5 до 10 отсто. Корекција на цените се прави од денес, а ќе продолжи и во претстојните денови. Најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10 отсто, понатаму кај тестенините, како и на сите останати основни производи опфатени во владината одлука.
Владата континуирано ја следи состојбата и во услови на најавени нови покачувања на цените на производите интервенираше веднаш за да го заштити стандардот на граѓаните. Заклучно со 30 септември 2022 година, за леб, бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало“, објаснуваат од Владата.
Нагласуваат и дека во периодот кој следи, интензивно ќе ги продолжат контролите за трговците, со цел да нема драстично зголемување на маржите и истите соодветно да се санкционираат.
Владата и во иднина ќе ја следи состојбата и доколку условите на пазарот налагаат, ќе се разгледа можноста одлуката да продолжи до крај на 2022 година, велат оттаму.
