Од денеска Русите со платежни картички само во Турција, Виетнам и екс-советски земји
Од денеска меѓународните платежни системи Visa и Mastercard престануваат да работат во Руската Федерација. Сите Visa и Mastercard картички издадени од руски банки ќе продолжат да работат во земјата вообичаено до датумот на истекување. Меѓутоа, прекуграничните трансакции со Visa и Mastercard картичките нема да бидат достапни, како за плаќање за купување во странски онлајн продавници, така и за користење на овие картички во странство.
Во случај на патување во странство, централната банка им препорача на Русите да земат готовина, додека со националната платежна картичка „Мир“ можат да вадат готовина и да купуваат во Турција, Виетнам, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан.
Прес-службата на Националниот систем за платежни картички (NSPK, оператор на националниот платен систем „Мир“) прецизираше дека Русите можат да аплицираат за картичка со ко-ознака Mir-UnionPay за да плаќаат за купувања и да подигнат готовина во странство.
Таквата картичка ќе биде прифатена и во Русија и во 180 земји кои поддржуваат работа со UnionPay, вклучувајќи ги Швајцарија, Грција, Италија, Шпанија, Германија, Мексико, Кипар, Тајланд, Индија, Израел, Португалија, Хрватска, Полска, Србија, Унгарија, Австрија и други.
