Од денеска може да проверите дали ве има во Избирачкиот список
Јавниот увид во Избирачкиот список за априлскиот избор на шеф на државата започнува денеска и ќе трае дваесет дена. Еден милион 787 илјади и 350 граѓани се запишани во Избирачкиот список, a од нив 68 илјади и 704 лица се водат како иселени.
Во периодот до 7 март граѓаните во подрачните единици и канцелариите на Државната изборна комисија или преку веб-страната на Комисијата ќе можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список.
Првпат оваа година и дијаспората ќе гласа за претседател на државата.
До 7 март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП-та или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список. На 1 февруари, пак, започна да тече и рокот во кој граѓаните од дијаспората ќе можат да поднесат пријава за гласање за претседателските избори.
Избирачкиот список е доставен до ДИК од страна на Државниот завод за статистика на 2 февруари оваа година и е резултат на прво законско редовно ажурирање на податоците добиени од страна на Министерство за внатрешни работи во февруари 2014 година и содржи податоци за граѓаните со состојба заклучно со 1 февруари оваа година.
Денеска започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2 март.
