Од денес ќе плаќаме поскапи горива, иако поевтинија на светската берза
Од полноќ, бензинот БС-95 е поскапен за денар и пол и ќе се продава по 87,5 денари по литар. 98-октанскиот оди нагоре за два денари и ќе чини 90 денари. Минимално поскапување од половина денар има кај дизелот, кој ќе се точи за 87,5 денари.
Синоќа на полноќ завршија и мерките за горивата, што значи дека во новите цени се пресметани редовните акцизи од 22 денари за бензините и 15,5 денари за дизелот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека вчерашната одлука на Регулаторна се базира на берзанските цени од минатата седмица и оцени дека следната недела може да се очекува значително намалување на цените на горивата.
„И понатаму остануваме земја којашто има најниска цена на бензините и дизел горивата во регионот. Тоа посебно се чувствува тука во Битола. Има бензински станици каде што 50-тина проценти е зголемен прометот од страна на граѓани од нашиот јужен сосед. Така што, еве, ние овие три месеци, би рекол, прилично достоинствено ги издржавме. Ниту во еден момент не дозволивме да имаме било каква рестрикција на бензинските пумпи, не го ограничивме извозот, напротив, ги отворивме нашите порти за граѓаните од соседните земји да точат и кај нас гориво. Обезбедивме доволно количини на гориво. По половина евро во просек по литар нашите горива беа поевтини од оние на соседите“, рече Мицкоски.
Цените на суровата нафта на светските пазари забележаа остар пад, откако САД и Иран постигнаа договор. Нафтата од типот „Брент“ се тргува по околу 83 долари за барел.
Иако пазарите реагираа со голем оптимизам на веста дека Ормутскиот Теснец повторно ќе биде отворен, овие цени сè уште се многу повисоки од периодот пред војната, кога нафтата беше околу 70 долари.
