Од 15 ноември Скопје ќе се загрева на дизел во тест-период
Од 15 ноември Скопје ќе се загрева на дизел, гориво кое ќе се употреби во топланите Исток и Запад, со цел да се тестира оваа можност која ја спроведува ЕСМ. Периодот би траел 10 дена во кој треба да се тестираат десетте пумпи.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, пред медиумите денеска рече дека тоа мора еднаш да се направи како период на тестирање за да се види како би изгледала можноста парното да добива топлинска енергија од овој енергенс, доколку нема природен гас или истиот е скап.
- Техничкиот кадар има план да направи промена во енергенсот во периодот од 15 ноември, наместо гас да се употреби дизел гориво. Префрлувањето ќе биде не повеќе од 24 часа, но тоа не значи дека тој ден граѓаните ќе останат без топлинска енергија. Тоа ќе се прави од едната, па од другата топлана, а истовремено најголем дел од енергијата ќе се добива од ТЕ-ТО, рече Ковачевски.
Додава дека тоа се прави со цел ЕСМ и граѓаните да бидат сигурни дека во наредниот период ќе може да се потпрат на дизелот, кој досега во историјата никогаш не се користел за загревање на главниот град.
Алтернативно гориво на природниот гас во топланите досега беше мазутот.
