Од 108 котирани друштва на Берзата, 85 оствариле добивка во 2016 година
Согласно Правилата за котација на Македонска берза, котираните друштва имаа обрска да ги објават неревидираните неконсолидирани финансиски извештаи за 2016 година најдоцна до 15.03.2017 година односно консолидираните финансиски извештаи за 2016 година најдоцна до 03.04.2017година.
Од објавените податоци за 2016 година, може да се констатира дека котираните друштва на Македонска берза остварија нето добивка по оданачување во износ од 10,30 милијарди денари (При пресметката на податоците користени се податоците од консолидираните финансиски извештаи на друштвата кои објавуваат консолидирани финансиски извештаи), (167,35 мил. Евра) што претставува зголемување во однос на 2015 година од 35,88%. Од вкупно 108 котирани друштва, 106 друштва објавија неревидирани финансиски извештаи за 2016 година, од кои 85 друштва објавија дека оствариле добивка во 2016 година наспроти 21 друштвo кои објавија дека работеле со загуба. Вкупно остварената добивка на друштвата кои работеле со добивка во 2016 година изнесува 11,36 милијарди денари (143,54 мил. Евра) што споредено со 2015 година претставува зголемување од 21,10%, додека вкупната остварена загуба на котираните друшва изнесува 1,06 милијарди денари (17,19 мил. Евра).
Гледано по сектори, најголема нето добивка остварија друштвата од секторот банкарство со вкупен износ од 5,3 милијарди денари (86,1 мил. Евра) што претставува зголемување од 41,35% споредено со 2015 година. Во секторот индустрија 34 друштва остварија добивка додека 9 друштва пријавија загуба, при тоа остварувајќи кумулативната нето добивка од 1,3 милијарди денари (21,04 мил. Евра) што споредено со претходната година претставува зголемување од 87,07%. Секторот услуги забележи 15 друштва со добивка и 5 со загуба, при што пријавена е вкупна добивка од 1,23 милијарди денари (19,9 мил. Евра) која споредена со онаа од претходната година е намалена за 16,19%. Во секторот фармација трите котирани друштва оставарија профит од 848 милиони денари (13,78 мил. Евра) што претставува зголемување од 11,2%. Најголемо зголемување на профитот во 2016 година од 7,6 пати во однос на 2015 година забележаа друштвата од секторот трговија со нафтени деривати кои остварија вкупен профит од 721,33 милиони денари (11,79 мил. Евра). Единствено секторот трговија оствари негативен финансиски резултат од 11,91 милиони денари (193 илјади евра), во кој од 15 друштва 8 друштва остварија добивка а 7 друштва ја завршија годината со загуба.
Најпрофитабилните 10 котирани друштва на Македонска берза остварија вкупна добивка од 9,03 милијарди денари (146,7 мил. Евра) што претсавува 79,5% од вкупно остварените нето добивки за 2016 година.
Членките од МБИ10 Индексот остварија вкупна нето добивка од 7,6 милијарди денари (124 милиони евра) што претсавува зголемување од 20,76% во однос на 2015 година или 67,31% од вкупно остварените добивки на котитаните друштва.
На следниов линк прегледајте го Прегледот на финансиски податоци за котираните друштва објавен на интернет страната на берзата: http://www.mse.mk/mk/news/5/4/2017/summary-of-financial-data-of-listed-mse-companies





Соработник за котација и прием на хв
Сектор за деловни операции
Македонска берза АД Скопје
