ОЧЕКУВАЊА НА БАНКАРИТЕ: Потребни се радикални мерки за кредитен раст !
„Кредитниот раст во новата 2018 година ќе зависи од целокупната ситуација во државата, од политичката стабилност, од стабилноста на регулативата, (да нема чести измени во законите и подзаконските акти) и секако од желбата на компаниите да инвестираат“ – вели во интервју за “Фактор“ првиот човек на Стопанска банка Битола, Владимир Ефтимоски. Оценува дека во годината што измина, банките останаа во зона на стабилност, со голема ликвидност, главно насочени кон кредитирање на население, но во основа тоа значајно не помогна за реален раст на економијата. Кои се очекувањата за годината што почнува?
Граѓаните со кредити пополнуваа “дупки“, фирмите апстинираа...
Фактор: Оставаме година во која економијата не успеа да го издржи притисокот од неизвесноста на политичката криза. Статистичките податоци покажуваат дека најверојатно 2017 ќе заврши со минимална стапка на економски раст. Како ја оценувате економската 2017 година?
Ефтимоски: Зад нас останува турбулентна и проблематична година, која донесе многу неизвесности и предизвици. Во вакви услови економијата не можеше најефикасно да се справи со прoблемите кои ги предизвика политичката нестабилност. Скоро цела година немавме целосно функционален систем, a времето потрошено во реорганизација даде малку ефект во реалниот сектор. Сепак, сметам, дека успехот е постигнат и конечно државата ќе продолжи во мирни води, стабилен политички и економски систем и позитивно опкружување.
Фактор: Судејќи според показателите за банкарскиот сектор, сепак тој успеа да остане во стабилна зона, со високо ниво на ликвидност. Дали банките ја исполнија својата функција за поддршка, особено на домашниот бизнис, во услови на неизвесност?
Ефтимоски: Остварувањето на плановите на банките не значи и успех во остварувањето на нивните основни задачи, а тоа е клучната функција за поддршка на бизнисот. Доколку се согледаат бизнис активностите на банките, може да се заклучи дека најголемит раст во кредитирањето е постигнат во пласманите кај физичките лица, особено во потрошувачки кредити. Главно тоа е затворање дупки во личните буџети на домаќинствата и нема никаква развојна компонента, ниту пак придонесува за раст на економијата. Се додека не се смени опкружувањето и не се либерализираат условите за пласмани во стопанството, банките ќе продолжат со овој тренд, ќе остваруваат големи добивки, но сето тоа ќе биде на краток рок и без никаков придонес во економијата.
Фактор: Кредитирањето е со забавено темпо. Регистрирани се позитивни стапки на кредитен раст кај домаќинствата, но кај фирмите состојбата е поразлична. Кај нив има инвестициска апстиненција. Како се толкуваат забавените стапки на кредитен раст?
Ефтимоски: Мора да се сменат условите за работа за да се предизвика преструктуирање на кредитирањето, односно преку мерките во монетарната и фискалната политика да се насочат банките кон пласманите во стопанството. Како и секоја друга индустрија, така и во банкарството инвестициските активности се насочени секогаш кон најмал ризик со најголем принос. Во моментов таквите кредитни активности се најефикасни со пласмани кај домаќинствата. Мислам дека сега е вистинскиот момент за да се воведат нови иновативни мерки за стимулирање и ослободување на лимитите за кредитирање на стопанството.
Штедењето стабилно, засилен ефект од проблематичните кредити....
Фактор: Дали може да се очекува забрзан кредитен раст во 2018 година и од што ќе зависи тоа?
Ефтимоски: Кредитниот раст ќе зависи од целокупната ситуација во државата, од политичката стабилност, од стабилноста на регулативата, (да нема чести измени во законите и подзаконските акти) и секако од желбата на компаниите да инвестираат.
Фактор: Каква е состојбата со штедењето ? Дали целосно е вратена довербата во домашната валута?
Ефтимоски: Во овој сегмент на работењето на банките ситуацијата е потполна стабилизирана и дури е започнат позитивен тренд. Банките го издржаа притисокот од политичката нестабилност и неизвесност, што дури и во услови кога имаше најави за определени негативни трендови преку одлевање на штедните влогови, со брза реакција на банките беше превенирано и се случи токму спротивното - комплетно е вратена довербата во штедењето, а особено во домашната валута.
Фактор: Каква е состојбата со нефункционалните кредити, во кој сегмент наплатата е најпроблематична?
Ефтимоски: Во последниот квартал од годинава се чувствува засилен ефект од проблемите во наплатата на пласманите. Пласманите во стопанството се позасегнати и повеќе се чувствува недостигот на ликвидност кај компаниите. Треба да почекаме за да видиме дали истиот ќе се прелее и во наредната година бидејќи овој ефект може да е резултат и на одложено влијание на локалните избори.
Фактор: Што очекувате на економски план во 2018 година ? Што сметате дека треба да биде или да остане приоритет на монетарната политика ?
Ефтимоски: Како што напоменав и претходно, сметам дека сега е момент за нови радикални мерки со стимулирачки ефект, кои ќе придонесат за поголем раст на кредитирањето на стопанството. Само на тој начин може да се поттикнат банките да го прифатат зголемениот ризик од кредитирање на компаниите. Друг сегмент кој не смее да се заборави е честата промена на законската регулатива, особено во делот кој го засега работењето на банките, но и на сите законски акти кои се поврзани со правењето хипотеки, присилна наплата, пресметка на каматни стапки, провизии. Најавени се измени на овие закони и доколку истите се прават без да се добие повратна информација и мислење од банките, не може да се очекува поголема кредитна експанзија.
Генерално сум оптимист и, како што реков и на почетокот, очекувам Република Македонија во 2018 година да влезе во мирни води, стабилен политички и економски ситем и позитивно опкружување.
А.Д.