Оценката за административците ќе зависи и од синдикатот
- Влијанието на раководителот во оценката се намалува од 75 проценти на 65 проценти, со што Синдикатот и комисијата што ќе оценува ќе влијаат со 35 проценти. Таму каде нема синдикат останува опцијата петтиот член во комисијата да биде од редот на вработените, изјави по средбата со синдикалните претставници министерот Ивановски.
Претставниците на ССМ и КСС од своја страна оценија дека преговорите за законите се успешни затоа што биле прифатени нивните најкрупни забелешки. Договорен е и начинот на кој ќе се врши наградувањето за вработените кои ќе добијат оценка петка како најкреативни и најзаслужни - ним ќе им биде исплатена една плата, а не како што беше во претходниот предлог „до една плата“. За оние што не задоволуваат во работата претходно се предвидуваше казна 30% од платата цела година, додека по преговорите со синдикатот ова е променето во казна 20% од плата во рок од шест месеци.
Виолетка Спасовска, вршител на должноста претседател на КСС истакна дека е постигната согласност за деловите од законите за кои имало најголеми реакции и стравувања од членството.