Економија, финансии, бизнис

Контакт

Оценка од граѓаните: Петка за Централен регистар, тројка за МВР

Оценка од граѓаните: Петка за Централен регистар, тројка за МВР
Граѓаните најмногу се задоволни од севкупната работа на Централниот Регистар, покажа анкетата „Барометар на квалитет на државните институции“ која Министерството за информатичко општество и администрација ја спроведува втора година по ред. Централниот регистар бил оценет со највисоката оценка 5, од 51 отсто од испитаниците, а најниска средна оценка имаат Министерството за внатрешни работи (3,63) и Центрите за социјални работи (3,68). „На прашањето “Колку време се чека во институциите” 78,3 отсто од тајните клиенти најмалку време (до 5 минути), чекале во Управата за имотно правни работи, додека пак најмногу се чекало во Катастарот. За односот на вработените во институциите, испитаниците најпозитивно мислење имаат за вработените во Централниот Регистар, за што се изјасниле 68,3 отсто, а најмалку позитивно во Одделението за издавање на лични документи при Министерството за внатрешни работи.Граѓаните најмалку се проследуваат од еден шалтер во друг во Централниот регистар, а најмногу во Центрите за социјални работи. Едношалтерскиот систем најмалку се почитува во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и општините“, вели министерот Иво Ивановски. Во однос на хигиената во посетените институции тајните клиенти највисоко го оцениле одржувањето на хигиенските услови во Царинската Управа (61,7 отсто), а најмалку позитивно во Фондот за здравствено осигурување. Во однос на оценката на пристапноста на институциите за лица со инвалидност, според истражувањето најдобри услови постојат во Царинската Управа, а најнесоодветни во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, иако оваа институција е директно одговорна токму за остварување на правата на лицата со инвалидитет. „Би сакал да ги потсетам граѓаните, дека ниту еден вработен во администрацијата нема право да ги врати од шалтер за добивање на документ од друга државна институција. Како граѓани можат и самите да им наложат на вработените по службена должност да ги обезбеди истите документи и да ги информира за предметот кога ќе биде комплетиран. Доколку службеникот тоа не го направи, може да се пријави во Државниот управен инспекторат или во Министерството за информатичко општество и администрација, по што инспекторите ќе излезат на терен“, рече Ивановски. Истражувањата беа имплементирани во периодот јуни – јули 2014 година, преку спроведување на: анкета за мерење на задоволството на граѓаните, таен клиент и таен клиент преку телефонски јавувања.
Слично

Поврзани вести