Обврските на „Бетон“ пораснале за 6 милиони евра, добивката на полугодие е 615.000 евра
Во првото полугодие „Бетон“ книжи добивка од 695 денари по акција, раст на обврските за 6 милиони евра, раст на приходите од продажба за 500.000 евра во споредба со лани
Скопски „Бетон“, втора по големина градежна компанија во земјава, во првата половина од годинава книжи добивка од 37,9 милиони денари (над 600.000 евра) што претставува 3,3 отсто од приходите од продажба остварени во ова полугодие, покажуваат официјалните податоци од консолидираните и неревидирани биланси на оваа компанија објавени на Македонската берза за хартии од вредност.
Во споредба со „Гранит“, скопски „Бетон“ успеал да ги зголеми приходите од продажба за 3 отсто во споредба со истиот период лани лани. Тие изнесуваат 1,16 милијарди денари и сите се остварени на домашниот пазар. Оперативната добивка изнесува 38,8 милиони денари и е пониска од оперативната добивка за истиот период лани за 14 отсто.
Оперативните расходи на „Бетон“ изнесуваат 1,41 милијарда денари и во споредба со истиот период лани бележат зголемување за 25 отсто. Спротивно од „Гранит“, во овој период „Бетон“ има силен раст на трошоците во ставката „услуги со карактер на материјални трошоци“ за 48 отсто и изнесува 836,6 милиони денари. Оваа ставка, втора година по ред, е најголема поединечна ставка на расходната страна и нејзиното учество е 60 отсто од сите трошоци на „Бетон“ во првите два квартали годинава. Овој податок значи дека „Бетон“ има значајни трошоци за своите подизведувачи или партери со кои работи на проектите и сега исплаќа средства за извршените работи. Паралелно со ова трошок кај „Бетон“ е видливо намалување на расходот за суровини и други материјали. Намалувањето е за 24 отсто односно за 59 милиони денари и тој трошок изнесува 217,4 милиони денари. Само за споредба, кај „Гранит“ најголема ставка е трошокот за суровини и материјали што е параметар што укажува на ангажманот на сопствената градежна оператива. Споредбата на наведените две трошочни ставки покажува дека „Бетон“ во голем обем ангажира партнери или подизведувачи и затоа книжи расходи во ставката услуги, а во помал обем ангажира сопствена оператива и затоа е помал обемот на расходи во ставката „суровини и други материјали“.
Во билансот на состојба најзначно за истакнување, во делот на обврските, е зголемувањето на обврските на компанијата за 360 милиони денари. На крајот на јуни годинава тие изнесуваат 1,617 милијарди денари (26,25 милиони евра) што е раст за 29 отсто односно за 360 милиони денари. Сите зголемени обврски се во ставките на тековните обврски. Обврските кон добавувачите се зголемени за 276 милиони денари односно за 28 отсто и изнесуваат 1,258 милијарди денари. Обврските кон државата пораснале за 75 милиони денари и изнесуваат 130,9 милиони денари. Благ раст има и на обврските за краткорочни кредити тој изнесува 6 отсто, а вкупната обврска е 198,7 милиони денари.
Во делот на тековните средства, очекувано, најголема ставка е побарувањата од купувачи и таа изнесува 1,288 милијарди денари (над 20 милиони евра), но во споредба со истиот период лани е помала за 276 милиони денари (4,48 милиони евра). Солиден раст од 320 милиони денари има во ставката „пари и парични еквиваленти“ и вкупниот износ на таа ставка е 579,9 милиони денари. Нивото на залихи е 610 милиони денари (10 милиони евра) и е повисоко за 260 милиони денари.
Според ова тековните средства на компанијата, книговодствено, изнесуваат 2,69 милијарди денари (43,75 милиони евра), а вкупните обврски се 1,62 милијарди денари ( 26,24 милиони евра).
Р.Ф.
Слично
