Обвинувањата за изборен фалсификат во Србија не запираат, дојде до инцидент
При проверувањето на натамошните резултати од предвремените парламентарни избори во соседна Србија во седиштето на Републичката изборна комисија (РИК) дошло до тежок инцидент.
Откако претседателот на РИК Дејан Ѓурѓевиќ и директорот на Институтот за статистика Миладин Ковачевиќ ги објавија резултатите, претставниците на коалицијата „Двери-Демократска партија на Србија“ упатија тешки обвинувања за манипулација и фалсификување на изборните резултати од 24-ти април. Притоа дојде и до турканици, при што една жена од РИК падна во шок и е префрлена во Ургентен центар во Белград.
Според последните резултати коалицијата „Двери-Демократска партија на Србија“ добива 4.99 отсто од гласовите и нема да влезе во новото Собрание - парламентот, бидејќи не ја поминува петпроцентовата изборна бариера. Лидерот на коалицијата Бошко Обрадовиќ се сврте кон претседателот на РИК со зборовите: „Како не ви е срам од народот ... Ќе се осмелите ли да го направите ова ... Што излегува дека ние добиваме 4.9999 или со еден збор, не ни недостига еден глас да влеземе во парламентот“, рече уште Обрадовиќ.
Инцидентот се случил по полноќ, кога РИК ги соопштил резултатите од 99.82 отсто од преброените гласачки ливчиња. Според нив Српската напредна партија (СНС) на премиерот Александар Вучиќ добива 48.24%, Социјалистичката партија на Ивица Дачиќ - 10.96%, Српската радикална партија на Воислав Шешељ - 8.81%, Демократската партија на Бојан Пајтиќ - 6.03%, Движењето „Доста веќе“ на Саша Радуловиќ - 6.03%, Коалицијата помеѓу ПСД-ЛДП и ССВ на чело со Борис Тадиќ - 5.02% и Коалицијата Двери на Бошко Обрадовиќ - СДП - 4.99 проценти.
Пред тоа поранешниот српски претседател и лидер на Социјалдемократската партија (СДП) Борис Тадиќ ја обвини владејачката формација на премиерот Александар Вучиќ, за обид да ја промени волјата на граѓаните и да си ги присвои гласовите на опозицијата. По состанокот со лидерите на опозициските партии Тадиќ рече дека сите тие се сомневаат во работата на РИК. За 12 часа РИК успеа да преброи 98 отсто од гласовите. Во исто време цели 4 дена не и беа доволни да ги преброи останатите 2 проценти, рече Борис Тадиќ. Тој истакна дека се бројни нерегуларностите и даде пример за неколку места, каде претседателот на комисијата соопшти дека добиле нула гласови, а тие имале по неколку десетици.
„Ваквите нешта ги има на територијата на целата држава. Изборниот процес и демократија се дискутабилни во Србија“, истакна поранешниот претседател и додаде: “Има целосна синергија меѓу партијата на Вучиќ и онаа на Ивица Дачиќ од Социјалистичката партија. И двете партии се обидуваат да ја оспорат волјата на граѓаните“, смета лидерот на СДП. На средбата на опозицијата учествуваа освен Борис Тадиќ уште и Санда Рашковиќ Ивиќ, Бошко Обрадовиќ, Саша Радуловиќ, Бојан Пајтиќ и Чедомир Јовановиќ.
Покрај изборни страсти, во Србија владеат страсти и околу фудбалот. Фановите го нападнаа директорот на „Партизан“.
