Обвинувања на адреса на Заев дека плаќал поскап превоз од тој во Битола
Од ВМРО ДПМНЕ денеска го обвинија струмичкиот градоначалник, Зоран Заев дека организирал превоз за ученици кој е поскап од тој во Битола, за кој битолскиот градоначалник Владимир Талески доби притвор.
Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Струмица плаќа за превоз на ученици двојно повеќе од Битола, која е поголема општина.
„Зошто СЈО молчи за Струмица? Отворено и јавно прашуваме како е можно, нешто што општина Битола го плаќала по една цена, истото општина Струмица да го плаќа двојно, тројно, повисоко. Зошто Талески е мета на политички отстрел на СДСМ?“- прашува Пишев.
Пишев вели дека за Заев не важат законите.
Од СДСМ одговараат дека Пишев ја извртува вистината и по принципот на ВМРО-ДПМНЕ сака сто пати повторената лага да ја претвори во вистина. Костадин Костадинов, портпарол на општинската организација на СДСМ Струмица вели дека граѓаните не паѓаат веќе на такви шеми и евтини политички игри.
„Тие добро знаат дека си имаат работа со тешки измамници и криминалци кои од Македонија создадоа црна дупка на Балканот. Очигледно на Пишев не му се јасни работите дека превозот на лица со посебни потреби и превозот на ученици се две сосема различни работи. Згора на тоа, Пишев се прави дека не е од тука“ - објаснува тој.
Додава дека во општина Струмица за конкретниот случај се работело според пропишаната законска регулатива, со електронско јавно наддавање, а според наводите од обвинението, во Битола тоа се правело во четири очи.
