Обвинителството потврди, отворена постапка против „Таргет груп“: Колкава штета ќе пријави Централен регистар?
Обвинителството по приемот на пријавата и доказите од МВР отворило постапка за пријавата од Централен регистар против „Таргет груп“ и превземени биле дејствија во фаза на предистрага. Се чека Централен регистар да пријави висина на оштетно побарување против „Таргет груп“ и од тоа ќе зависи квалификацијата на кривичното дело како и можна затворска казна, соопштија од скопското обвинителство на „Фактор“
Се огласи и скопското Основно јавно обвинителство (ОЈО) и одговори на прашањата на редакција „Фактор“. ОЈО ги потврди пишувањата на „Фактор“ дека постои кривична пријава поднесена од МВР во која Централен регистар го пријавил „Таргет груп“ затоа што имал индиции за сторен криминал по член 251 од Кривичниот законик. Обвинителство информира дека превземале дејствија во фаза на предистрага.
„Во Основното јавно обвинителство Скопје во тек е постапка во предметот за кој прашувате. По поднесена кривична пријава од МВР, оформен е предмет по кој се преземени дејствија во фаза на предистрага. Повикани се да дадат потребни информации претставник на пријавителот - Централниот Регистар на РСМ и други лица.“ соопштија од ОЈО.
Од ОЈО објаснуваат дека побарале од Централен регистар да се произнесе директно на записник во обвинителството или дополнително да достави поднесок во однос на висината на штетата. Односно висината на оштетното побарување. Утврдувањето на висината на штетата е важна за натамошниот тек на постапката од аспект на утврдување на правната оцена - квалификација на кривично дело од што зависи запретената казна на затвор, појаснуваат од ОЈО. И додаваат дека до овој момент, а од денот на испитување на претставникот од Централен регистар , во Основното јавно обвинителство Скопје нема пристигнато ниту еден поднесок или барање.
По добивање на потребното известување, по разгледување и анализа на прибраните докази ќе биде донесена јавно обвинителска одлука за натамошниот тек на постапката, дополнија од ОЈО за „Фактор“.
Како што веќе објавивме Централен регистар соопшти дека според сознанијата, скопската компанија „Таргет груп“ спротивно на закон ги препродава нивните податоци па дури и незаконски како извор на податоците го наведува ЦР. По обвинувањата на ЦР „Фактор“ пред објава на првиот од серијата текстови согласно со новинарските професионални стандарди достави прашања до „Таргет груп“ од каде добивме одговори дека работат согласно со закон.
Повеќе на оваа тема на следниве линкови
Го гледа ли скопскиот обвинител криминалот што МВР го видел во дата -базите на „Таргет груп“?
Како Централен регистар се брани од „Таргет груп“ додека го чека Обвинителството да реагира?
