Обвинителството го гони виновникот за смртта на Тамара, неколкумина осомничени
Утре се навршува точно една година од смртта на Тамара, која почина чекајќи одобрение за парични средства за лекување во странство.
Од основното јавно обвинителство велат дека за стореното кривично дело се осомничени повеќе лица кои биле повикани на сослушување.
„Од преземените дејства произлезе дека како осомничени се јавуваат повеќе лица за сторено кривично дело несовесно работење во службата од чл. 353-в од Кривичниот законик. Во својство на осомничени, лицата се повикани да дадат изјави пред надлежниот јавен обвинител. Истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот. По завршување на сослушувањето, ќе биде донесена мериторна јавно-обвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено известена“, се вели во соопштението од јавното обвинителство.
Семејството на Тамара, граѓански активисти и невладини организаци бараат под итно да се покрене обвинение против одговорните за нејзината смрт. Тие утре во 12 часот, пред Јавното обвинителство во Скопје ќе протестираат по повод едногодишнината од смртта на Тамара.
Малата Тамара од Велес, која имаше сериозен деформитет на ’рбетниот столб, почина на 9 февруари лани, чекајќи одобрение за седмата операција.
Два и пол месеци родителите на Тамара чекаа да завршат бирократските процедури околу праќањето на девојчето на операција во странство. Потоа, Фондот за здравство чекаше официјален документ од Клиниката за ортопедија и траумотологија, односно ново конзилијарно мислење.
На 24 февруари, 15 дена по смртта на Тамара, оставка од функциите поднесоа директорите на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази.
За лекувањето на малата Тамара беа потребни 30.000 евра.
