Обвинителство: Нема случај во „Македонска банка“
Јавното обвинителство нема да покрене постапка за случајот со продажбата на „Македонска банка“, за која опозицијата го обвини премиерот Никола Груевски дека земал кеш пари од контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ - Нини.
Со цел да се проверат наводите во пријавата на СДСМ, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција извршило проверки, односно се обратило до Архивот на Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Централниот депозитар на хартии од вредност, како и до ликвидаторите на Македонска банка АД и брокерската куќа Макброкер А.
Според доказите што ги прибавило Обвинителството нема основи за сомнение за сторено кривично дело противзаконито посредување во случајот „Македонска банка“.
Процесот на промена на мнозинската структура во банката е завршен веќе во месец јануари и истиот се одвивал согласно тогашните законски прописи. Во конкретниот случај нема основи на сомнение дека пријавениот превзел дејствија на влијание и дека за таквите дејствија примил некаква имотна корист. Доколку поминат десет години од извршување на кривичното дело, а во тој период не се преземе ниту едно процесно дејствие, во тој случај не може да се преземе кривично гонење, појаснува Обвинителство.
„Тоа значи дека кога е поминат овој рок јавниот обвинител нема никаков правен основ да превзема дејствија насочени кон проверки и истражување на било кој кривично правен настан, како што е и настанот наведен во кривичната пријава, дотолку повеќе што и кога е поднесена кривичната пријава застареноста на кривичното гонење веќе е настапена“, стои во образложението на Обвинителство.
Случајот го отвори опозициската СДСМ објавувајќи аудио снимка од телефонски разговор за кој тврдеше дека е помеѓу премиерот Груевски и српскиот тајкун газда Нини, а во кој се договара продажбата на „Македонска банка“ при што Груевски побарал 1,5 милиони евра во кеш.
„Во конкретниот случај пријавениот Никола Груевски како пратеник во Собранието на РМ и Претседател на политичката партија ВМРО ДПМНЕ го немал својството кое законот го бара за да во рамките на своите службени овластувања изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши или да не изврши службено дејствие што би морал да го изврши, а во врска со продажбата на акциите на Македонска банка АД Скопје и за тоа директно или индиректно да побара или прими подарок или друга корист или ветување за подарок или корист за себе или за друг“, заклучува Обвинителството.
Слично
