Обвинителство ја отфрли пријавата на СДСМ против Јанкулоска
Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава што опозицискиот СДСМ ја поднесе против министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за наводно незаконско примање 80.000 евра во кеш за ВМРО-ДПМНЕ од бизнисменот Загорац Тумбовски.
Партијата за отфрлањето на кривичната пријава била известена на ден пред Илинден и во време на судски одмори, што според СДСМ е доказ дека „Обвинителството сака одлуката да ја скрие од јавноста“.
Во образложението на Јавното обвинителство за тоа зошто се одбива пријавата стоело: „Во Статутот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во члeнот 17 не стои одредба според која генералниот секретар е орган на партијата, туку истиот според одредбите на Статутот по функција е член на Извршниот комитет на партијата, при што неговите надлежности исклучително се само во доменот на административно – технички работи“.
Според потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, ова е уште една потврда дека во Македонија не функционира правната држава и дека станува збор за уште еден доказ дека не постои одвоеност на владејачката партија од државата. Директно се обрати до јавниот обвинител Марко Зврлевски.
„Господине Зврлевски, каде во Статутот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ пишува дека Јанкулоска може да прима пари во кеш? Дали според Вас постои функционер во било која партија кој има овастување да прима 80 илјади евра во кеш? Доказите што СДСМ ги презентираше во јавноста, каса прими, со печат на ВМРО-ДПМНЕ и потпис, Зврлевски ги отфла без графолошко испитување кое со сигурност можело да потврди дали потписот е на Јанкулоска“, вели Манчевски.
Тој додава дека обвинителството не ги зело предвид ниту исказите на сведокот Загорац Тумбовски кои наводно го потврдуваат кривичното дело.
Слично
