Обвинители влегоа да „чешлаат“! Ќе „јаде“ ли некој кривична за хидроцентралата над браната „Гратче“?
Хидроцентралата во најава на кочанското омилено излетничко место ги обедини советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ против градбата. Градот е на нозе, а граѓанските здруженија и активистите се подготвуваат да собираат потписи за закажување референдум против изградбата на хидроцентралата
Јавното обвинителство од Штип покрена предистражна постапка за процедурата во која се издадени дозволите на градба на мала хидроцентрала на Мала река во непосредна близина на атрактивната туристичка дестинација – вештачкото езеро „Брана Гратче“ во непосредна близина на Кочани. Од службата за односи со јавност на републичкото Обвинителство за „Фактор“ потврдија дека по допрен глас од објавите во медиумите отвориле предистражна постапка. Во постапката се издадени неколку наредби за прибирање на податоци и за утврдување факти, пишува во одговорот што го добивме од Обвинителството.
Обвинителството се заинтересира за случајот откако советникот во општина Кочани Сашо Стефановски изнесе неверојатни тврдења дека тие како советници немале поим дека некој ќе гради хидроцентрала и дека за тоа разбрале откако до општината допрел глас од љубители на природата кои забележале како се сечат дрвја по коритото на Мала река. Сомнежите им се потврдиле откако до општината стигнало барање за издавање градежна дозвола за градба на хидроцентралата. Тој јавно рече дека позитивно мислење претходниот градоначалник на Кочани издал иако нема доказ дека, иако уредно закажана, воопшто била одржана јавна расправа на која граѓаните биле запознаени за градбата на централата.
Граѓаните на Кочани со големо охрабрување ја примија веста од Обвинителството, особено откако на последната седница на Советот на Општина Кочани сите пратеници меѓу кои мноштво се од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се изјаснија дека се против градбата на мала хидроцентрала во овој , сега прогласен за заштитен еколошки појас. И градската администрација предводена од градоначалникот Николчо Илијев превзема расположливи мерки со кои го прологнира издавањето на дозвола за градење.
Повеќе кочански невладини организации здружени во граѓанското движење „За здрав живот во Кочани“ која артикулира интереси на нколку илјади граѓани соопштија дека се изрично против изградбата на мала хидроцентрала и дека тоа прашање за нив е врвен приоритет заедно со рестартирањето на големиот загадувач „Пејпар Мил“.
Дознаваме дека тим на активисти од невладниот сектор ги разгледуваат можностите и сите организациски аспекти за подготовка и организирање референдум против изградбата на малата хидроцентрала над езерото „Гратче“.
Р.Ф.