Обвинителе, вака не се договоривме – Продолжува ли театарот на (не)правдата
Христијан Мицкоски побара да го смени државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, тврдејќи дека тој е главниот кочничар на реформите во обвинителството. И желбата му се исполни. Коцевски стана уште една обвинителска „жртва“ на промената на власта, и како многу негови претходници беше разрешен пред да го заврши мандатот.
Но, обвинителството и под водството на „тазе“ назначениот Ненад Савески не дава огромна доза на оптимизам дека се надминати сите пречки за реформа во оваа институција која е задолжена да го гони криминалот и да се справи со високата корупција.
Неразбирлива е одлуката на обвинителството (ОЈО ГОКК) да се откаже од прогон за мега случајот за нелегална набавка на мазут во која беа вклучени повеќе поранешни функционери и бизнисмени.
Иронично но, сите тројца за кои престанува кривичниот прогон се од различни политички партии, или барем некогаш биле дел од структурите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Трио фантастико. Да биде иронијата поголема, еден од нив побегна од државата за да не се соочи со приведување и можно притворање и најверојатно во една соседна земја се крие зад двојното државјанство.
Сурогатите на власта хорски, деновиве повторуваат дека главен виновник за ова пропуштање на осомничени криминалци кои се товарат за злоупотреби од 160 милиони евра, е никој друг туку обвинителот Ислам Абази, шефот на обвинителството за гонење организирам криминал и висока корупција. Истиот Абази за кој се појавија слики во друштво на високи кадри на ДУИ од Зајас и Кичево, во непосредна близина на семејството Ахмети.
Но, и Абази колку и да ужива автономија во неговиот оддел, тој и натаму е подреден пред државниот јавен обвинител Ненад Савески. Бидејќи делото за кое се товарат тројцата „генијални бизнисмени“, каква е пречката случајот да се обнови, а против обвинителите кои наводно овозможиле „попречување на правдата“, да биде поведена дисциплинска постапка пред Советот на јавни обвинители која ќе води кон нивно разрешување од функцијата?
Пречката најверојатно лежи во политичките и партиските договори кои се спроведуваат во позадина, зад затворени врати, додека институциите само треба да најдат најлесен правен начин како да ги спроведат тие „амнестии и премолчени помилувања“.
Изненадува, или можеби веќе и никого не изненадува што владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се однесува како опозициска партија со бројните прес-конференции на кои излегува со некакви обвиненија за сомнежи за корупција во институциите и кај поранешните владејачки партии од коалицијата на СДСМ и ДУИ, но иако ги има сите полуги на власта во свои раце, како полицијата, истражните органи, а сега и обвинителството - не поведува никакви решавачки акции за сузбивање на криминалот и високата корупција, особено во случаите во кои се вклучени партиски членови од највисок профил.
Повремено во мрежата ќе се фати некое „директорче“ во институциите кои се директно задолжени за делење пари, како агенциите во земјоделството или европските фондови.
Но, освен нив, за сите отворени предмети, особено тие за кои има силен јавен интерес, како наведениот случај за набавка на мазут со сомнителен отровен ефект, тогаш институциите „магично“ не можат или да го најдат осомничениот /обвинетиот, или постапките со одложуваат до недоглед, или има магичен недостиг на докази, или се укинуваат затворски притвори, или се прават судски спогодби за доделување најминимална казна во која се пресметува и времето поминато во куќен притвор.
Х.С.