Обвинетите за нападите во Куманово тврдат дека се дел од политичка игра
И денеска обвинетите во случајот „Диво Насеље” го отфрлија делото тероризам кое им се става на товар и бараат САД и ЕУ да ги расветлат, како што велат политичките игри.
На денешното рочиште, Руфки Догани кој е меѓу 29-те обвинети за делата „тероризам“ и „терористичко организирање“ изјави дека водачите на вооружената група која се судри со полицијата во кумановската населба, Мирсад Н’дрецај и Бег Ризај и уште двајца од членовите, биле убиени откако се предале во полициска станица.
Насуф Бекири, исто така еден од обвинетите, пред судот изјави дека тие не се терористи и оти во Куманово не дошле да војуваат.
„Ние не дојдовме во Куманово да војуваме"- рече Бекири и додаде дека Ризај и Н’дрецај им рекле дека во Куманово ќе бидат фигури и ако дојде полицијата нема да ги нападнат, туку само ќе пукаат во воздух.
Тој додаде дека сега знаат оти биле искористени за нечии политички цели.
„Вие ќе не осудите, но нема да ја признаеме вината. Не сме ни први ни последни што се во политички монтирани процеси. Сите сме употребени за политички цели и никогаш нема да признаеме” – вели Бекири.
Арсим Бајрами пак, полицаецот кој девет месеци е во притвор, поради обвинението за тероризам вели дека вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање биле директно вмешани во пукањето во Диво Насеље.
“Кога ќе дојде редот, со имиња и презимиња обвинетите ќе кажат кои се припадниците на државната безбедност. Тие сакаат со мене како припадник на МВР да ги покријат своите игри. Сакаат да тврдат дека јас сум и помагал на оваа група”- вели Бајрами.
Што се случувало на 9 и 10 мај лани во Куманово, кога беа убиени 8 полициски специјалци, 10 припадници на организацијата и 42 повредени, на следното рочиште треба да кажат и пет полицајци кои биле присутни во Диво Насеље.
