Обвинетиот Блажевски ја призна вината за прегазената новинарка
Деветти јули годинава беше кобен ден за новинарката Македонско радио, Сузана Тодоровска-Павловска која на свиреп начин го загуби животот кога ја прегази автомобил.
На главната расправа која се одвива денеска во Основед суд Скопје 1 обвинетиот Бојан Блажевски ја призна вината и изрази длабоко жалење за она што го направил.
„Притворот лошо влијае на мене. Изразувам длабоко сочувство и каење за тоа што се случи тој кобен ден. Чувствувам голема душевна болка. Помислата дека одзедов човечки живот ме доведе до психичко растројство. Ми ги уништи сите планови, за да основам семејство со мојата девојка. Наркотиците одзедоа голем дел од мојата младост. Неколку месеци бев чист, но повторно им се вратив“, изјавил 37-годишниот маж пред Судот.
Несреќата се случи пред Катната гаража „Зебра“, во скопската населба Капиштец а обвинетиот се товари за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Првичните податоци покажаа дека обвинетиот во моментот на несреќата имал 1,52 промили алкохол во крвта и 2,42 промили во урина, биле констатирани и траги од наркотична дрога канабис сатива, а возилото „опел корса“ го управувал со брзина од 83 километри на час при што загубил контрола и удрил во Тодоровска-Павловска.
По несреќата, на возачот му беше одредена мерка притвор, која неодамна беше продолжена за нови 30 дена.
