ОБСЕ/ОДИХР евидентирале заплашување на избирачи
Продлабочување на политичката криза, атмосфера на заплашување на избирачите, контра-протести, влошување на политичката клима со одлуката на претседателот за аболиција на 56 лица се само дел од забелешките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите што требаше да се одржат на 5 јуни.
ОБСЕ/ОДИХР нотира дека “набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР добија веродостојни наводи за притисок врз вработени во јавниот сектор да присуствуваат на контра-протести, вклучувајќи и закани за отпуштање од работа”.
Според извештајот ДИК работела во атмосфера на политички тензии поради целокупната состојба и добивала критики од опозицијата и НВО кои барале изборите да бидат одложени. Сепак, извештајот има и критики за работата на ова тело. ДИК одржувал затворени состаноци иако законот предвидува тие состаноци да бидат јавни, а не била ни редовно ажурирана интернет страната на ДИК. Процесот на регистрација на гласачите бил хаотичен.
Потребна е целосна транспарентност на целиот изборен процес со пристап на сите политички партии и граѓанското општество во проверката на изборниот список. Според ОБСЕ/ОДИХР само така ќе се зголеми довербата на граѓаните во избирачкиот список.
