Економија, финансии, бизнис

Контакт

Образовните реформи кај наставниците донесоа страв од непознатото, чувство на несигурност!

Образовните реформи кај наставниците донесоа страв од непознатото, чувство на несигурност!
Во Интервју за Фактор ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ-ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОНК говори за актуелните состојби во образованието, реформи за подобрување на образовниот процес, како и стравовите и несигурноста со кои се соочил наставниот кадар. Неделков во интервјуто посочува дека еден од поголемите предизвици за наставниците било примената на е - дневникот.  ФАКТОР: Како ги оценувате актуелните состојби во образованието, како прв човек на СОНК и кои се клучните приоритети на кои ќе се фокусирате за подобрување на статусот на просветните работници? НЕДЕЛКОВ: Самостојниот синдикат за образование, наука и култура - СОНК како социјален партнер на Министерството за образование и наука, зема активно учество во креирање на реформските процеси во основното и средното образование. Во изминатите неколку години, односно од 2008 година, со носење на новите закони за основно и средно образование, а посебно последниве години кога тие закони почнаа да се применуваат во практика, наставниците се соочија со практичната реализација на реформирањето на образованието, кој се изразува преку новиот начин на планирање, организирање и реализирање на воспитно - образовниот процес. Секако дека во период од неколку години имаше соодветни обуки за нови методи на изведување на наставата (интерактивна настава, користење на компјутерите во наставата и т.н.), како и адекватно планирање на реализација на наставата ( годишно и тематско - процесно планирање) кое освен во пишувана форма може да се планира и во електронска форма. Исто така, водењето на педагошката евиденција, која доскоро се водеше само во класичен дневник, сега се води и во електронска форма. Секако дека не смее да се за заборави и неколкукратното одложување на екстерното оценување на учениците и наставниците кое конечно се реализираше за прв пат на крајот на минатата учебна година. Сите овие промени, за релативно краток временски период, кај одреден број на наставници влеваа чувство на страв од непознатото, чувство на несигурност дали ќе одговорат на предизвиците и новините во работењето, а особено што по прв пат се поставени јасни критериуми со што ќе се биде вреднуван нивниот труд. Активностите на СОНК во наредниот период ќе се насочат во продолжување на социјалниот дијалог со МОН , каде ќе се бараат заеднички прифатливи решенија за растеретување на наставниците од непотребното администрирање, подобрување на моделот на екстерното тестирање, соодветно наградување на работата на вработените во дејностите образование како и можеби најважното прашање - сигурност на работното место, со оглед на се помалиот број на новородени и новозапишани деца во прво одделение. ЕДУЦИРАНО ЧЛЕНСТВО, СИЛЕН СИНДИКАТ! ФАКТОР: Законот за основно и средно образование предвидува воведување на лиценци за наставниот кадар и директорите на училиштата, кој ќе биде од времен карактер и услов за добивање на работно место. Како ги оценувате овие законски измени и што ќе донесат истите? НЕДЕЛКОВ: Полагање на стручен испит на приправниците вработени во образованието е регулирано со закон уште од 1996 година. Значи, како законско решение постои одамна и се применува до денешен ден. Новите законски измени овозможуваат истиот да се осовремени во согласност со развојот на образовниот процес, развојот на информатичко - компјутерските технологии како и приближување на дејноста образование во Р. Македонија со образованието на државите членки на Европската Унија. Со предлог законот за стручен испит на наставник, стручен соработник и воспитувач се очекува да се обезбеди квалитетен наставен кадар, каде што на транспарентен начин ќе се изврши полагањето на стручниот испит се со цел да се обезбеди квалитет во дејноста образование. Со овој закон ќе се зајакнат критериумите за полагање на стручниот испит, ќе се осовременат процедурите за пријавување и полагање, а се со цел да се изврши квалитетна проверка на стручната способност на наставниците, стручните соработници и воспитувачи за самостојна воспитно - образовна работа во училиштата и ученичките домови. Со оглед на тоа дека се работи за специфична дејност, дејност во која треба правилно да се воспитуваат и образуваат најмладите генерации, цениме дека квалитетот , заедно со тестот на личноста се едни од најважните предуслови за квалитетен наставник. Особено за нашиот Синдикат е важно колегите кој го полагаат стручниот испит да се оспособат за примена на прописите во практиката. Тоа би значело дека тие ќе се запознаат со законот на дејноста (закон за основно или средно образование) како и законот за работни односи, со што ќе ги запознаат своите права согласно споменатите закони. НАСТАВНИЦИТЕ: ВРЕДНИ И ИСПОЛНИТЕЛНИ РАБОТНИЦИ! ФАКТОР: Кога сме кај законот за основно и средно образобвание, електронскиот дневник кој како проект има за цел да ја подобри комуникацијата со наставниците и родителите, од дневна беше префрлен на неделна основа на внесување на податоците. Сериозно ли си ја сфатија работата наставниците и како ги оценувате санкциите за непочитувањето на оваа законска обврска? Како реагираа наставниците? НЕДЕЛКОВ: Примената на електронскиот дневник е еден сегмент во реформираното образование, кој почна задолжително да се применува минатата учебна година. Примената на е - дневникот е со цел да има одредена база на податоци кои ќе бидат достапни на родителите, надлежните од МОН, стручните служби во училиштето, и секако можност на наставниците податоците за учениците да се користат и повеќе години, како и користење повеќе други опции со што ќе се олесни нивната административна работа. Во принцип наставниците се вредни и исполнителни работници, кои чесно си ја вршат својата работа. Многу е мал бројот на наставници, најчесто повозрасни, кои тешко се снајдоа во примената на е - дневникот. Најголем проблем за неговата примена беше од технички карактер, каде многу често имаше недостаток на интернет конекција во училиштата или пак преоптеретеност на системот кој што неможеше во ист момент да одговори на потребите на корисниците. Ова создаваше голема нервоза кај наставниците, и секако оправдан страв од санкции заради непочитување на законските обврски( не по нивна вина). СОНК следејќи ги реакциите на наставниците превзема активности во разрешување на спорните ситуации, и во повеќе наврати имаше конструктивни средби со министерот за образование и наука, државниот секретар при МОН, директорот на државната просветна испекција, директорот на БРО како и раководителот за основно и средно образование. Резултатите од таквите работни средби се : измени на законот за основно и средно образование во делот на водење на педагошка евиденција на неделна основа, троструко намалување на казната за неисполнување на оваа одредба од законот, како и превземање на активности и мерки за остранување на , според нас, преголемото администрирање. Исто така, со превземање на заеднички активности на СОНК и МОН, минатата учебна година не дозволивме по овој основ да биде санкциониран ниту еден наш член. ФАКТОР:Дел од наставниците реагираат дека со електронскиот дневник, смс пораките, екстерното оценување, значително се зголемува административната обврска за сметка на предавањата и фокусирање кон наставната програма. Дали е тоа така и што треба да се направи? НЕДЕЛКОВ: Сите проблеми кои произлегуваат од споменатите активности ќе се минимизираат доколку се обезбеди стабилна интернет врска, како и сервер кој ќе одговори на потребите. Нашите забелешки во овој дел се прифатени, серверот е заменет, а во училиштата се менува и зајакнува интернет услугата. Ако овие две работи функционираат беспрекорно, тогаш ќе се создадат услови за непречено одвивање на наставата и максимална посветеност на реализација на наставната програма. ФАКТОР: Од неодамна оценките и редовноста на учениците ќе биде на отчет пред родителите преку смс пораки. Дали постои опасност со овој напреднат систем на електронскиот дневник да се изгуби интересот на родителите за средба очи во очи со наставниците и класните раководители, што пак би можело да резултира и со севкупен послаб успех? НЕДЕЛКОВ: Ваквиот начин на информација на родителите за поведението и успехот на нивните деца е еден, би рекол првичен, брз и навремен начин на проследување на информацијата. После добивање на СМС или друга електронска порака, за очекување е родителите навреме да изреагираат и да дојдат во училиште за да се информираат подетално за успехот и поведението на учениците. Напротив, сметаме дека брза и точна информација е многу важен фактор за навремено спречување на негативните последици. МАТЕМАТИКАТА ОСНОВА ЗА ТЕХНИЧКИТЕ НАУКИ, ЗА ОПШТЕСТВЕНИТЕ?! ФАКТОР: Математиката се воведува како задолжителен екстерен предмет на државната матура. Уште една обврска за учениците и наставниците. Каков успех очекувате? НЕДЕЛКОВ: Од некои извршени анализи за процентот на застапеност на математиката како предмет за полагање на државната матура, се доаѓа до заклучок дека овој предмет е сосема малку присутен како изборен предмет, а и резултатите не се на завидно ниво. Почитувајќи го фактот дека математиката е основа на техничките науки, а интересот за запишување е многу мал, како и фактот дека на национално ниво имаме недостаток на високообразуван кадар од техничкиот профил, сметам дека ова е добар обид да се стимулираат учениците континуирано да ја изучуваат математиката, и на крајот од своето средно образование без никакви проблеми да го положат испитот со висока оцена, што во иднина би било предуслов и за полесно совладување на новите знаења на некој од техничките факултети. ФАКТОР:Екстерното оценување минатата година помина со технички проблеми, протести на дел од учениците и реакции од дел од наставниот кадар. Ќе има казни и награди за наставниците. Кои ќе бидат вашите заложби да се решат дилемите околу оправданоста или не за екстерно тестирање и мерките кои ќе бидат превземени? НЕДЕЛКОВ: Екстерното тестирање како модел за проверка на знаењата на учениците, како и проверка на реалното оценување на наставниците, за прв пат се спроведе минатата година.Факт е дека на крајот на учебната година наставниците се изложени на притисоци од разни адреси со цел да напишат повисока оцена. На овој начин се продуцира нереално голем број на одлични ученици, се дестимулираат реално одличните ученици, а се деградира трудот и авторитетот на наставниците. Стравот од непознатото, стравот од вреднување на резултатите го стори своето, реакции од дел на ученици и од дел на наставници. Екстерното тестирање помина со одредени технички недостатоци кои ги детектиравме и веднаш реагиравме до надлежните. Остварени се повеќе средби со министерот за образование и наука, договорено е да се превземат повеќе конкретни мерки и активности за отстранување на недостатоците, како и креирање на модел на екстерно оценување што ќе биде по мерка на наставниците. ФАКТОР: Инспекцискиот надзор како се спроведува на терен, во училиштата и има ли критериуми кои се бараат подеднакво од секој наставник(работа со компјутери, наставна програма и сл)? НЕДЕЛКОВ: Со законот за основно и средно образование, како и со законот за просветна инспекција, се регулирани надлежностите на просветните испектори. Тие, во последно време се многу редовни во вршење на контрола и квалитетот на реализација на наставата. Наставниците имаат обврска да применуваат интерактивна настава, да користат и компјутерска технологија во наставата, да имаат соодветни планирања на наставата, да имаат редовна соработка со родителите, да организираат додатна и дополнителна настава и уште голем број на административни обврски што произлегуваат од споменатите закони. Сето ова создава и можности испекторите некогаш и да констатираат некаков пропуст во работата. Во работна средба со просветниот инспекторат дадени се нашите забелешки кој што укажуваат на превентивно делување на инспекторите, се со цел да се создаде релаксирана работна атмосфера на просветните работници. ФАКТОР:Што ќе превземете како Синдикат околу решавањето на статусот на наставниот кадар кој работи на определено работно време и со каква динамика очекувате да се врши трансформацијата? НЕДЕЛКОВ: Ова прашање е всушност и затворено, затоа што врз основа на Спогодба помеѓу СОНК и МОН од декември 2008 година до денес се трансформирани над 6000 работни договори од определено на неопределено време. До 2008 година имаше работници кои имаа и повеќе од 20 години работен стаж, а беа со договор на определено време, и секој 1 септември за нив беше кошмарен дали ќе бидат повикани на работа, наместо со радост да ја започнат новата учебна година. Се формираа работни групи на локално и централно ниво, составени од претставници на СОНК, МОН и ЗЕЛС. Изготвени се критериуми кој согласно закон треба да ги исполнат работниците (образование, стручен испит, стаж, старо финансирање, непредизвикување технолошки вишок) и по констатација на комисијата дека се исполнети условите за трансформација, документите се процесуираат и за кратко време нашите членови се здобиваат со Решение за вработување на неопределено време. Овој процес трае и ќе трае се додека има потрба за тоа. С.Б.
Слично

Поврзани вести