Економија, финансии, бизнис

Контакт

Образовен неквалитет, каде заглави образовниот процес?

Образовен неквалитет, каде заглави образовниот процес?
Просветните работници се се погласни дека образовниот процес  наместо како основа за градење  и изготвување на стратегии за развој станува амбиент на експерименти и “несреќни изуми” кои продуцираат неквалитет чии последици допрва ќе се чувствуваат. Тие во третата од серијалот  јавни дебати “Заслужуваме подобро образование!” кои се организирани од Центарот  за меѓуетничка толеранција и Просветни работници, денеска од Куманово  порачуваат дека во системот на образование личноста на поединецот се гради од најрана возраст, до заокружување на образовниот процес, а не преку реформите донесени преку ноќ,  без претходни анализи за нивната потреба и оправданост. Професорката Елизабета Секирарска која предава во кумановското средно училиште “Перо Наков”  за Фактор вели дека воспитно-образовната пракса  покажува дека сите реформски зафати, кои со години наназад се превеземаат во оваа  мошне суптилна сфера не ги даваат очекуваните ефекти. Реформите, додава таа,  предизвикуваат деформација на воспитно-образовниот систем, втемелување на  искривени вредности во поглед на градењето систем на знаења кај учениците, како и дерогирање на ликот на просветниот работник по сите основи. “Ако се земат предвид фактичките состојби како што вели не може да стане збор за подигање на квалитетот на образовниот процес, а истото се должи на избрзани, недоволно осмислени, педагошки неаргументирани и претходно недоволно анализирани акции, што по автоматизам значи дека колку и да се инсистира на нивна имплементација, мора да се превземе одговорност за последиците кои истите ги продуцираат “на терен.” – вели професорката Секирарска. Во продолжение ги објаснува бројни зафати кои ја дефинираат воспитно-образовната клима: *Кембриџ програмите во основните училишта, едноставно пресликани како туѓи образовни модели на домашна образовна почва, без претходна анализа на состојбата во која треба да се аплицираат и без да се предвидат ефектите. Се покажува дека целиот зафат прерасна во еден страотен концепт од кој последиците допрва ќе ги видиме. *Пренатрупаните наставни програми и бројот на часовите кои продуцираат оптоварување на учениците. *Несоодветните учебници или нивно непостоење за одредени предмети, особено во стручните училишта. *Електронскиот дневник како “жив” систем кој требаше да го замени класичниот, а прерасна во исцрпувачка алатка која со години опстојува како паралелна евиденција и ги дуплира администативните обврски на наставниците. Неговата функционалност и одржливост пак е сосема друго прашање, затоа што сведочиме на истоштувањето на наставниците заради техничките потешкотии кои никако да се елиминираат, доцнењето на “хранењето” на ЕМИС и ХРМ базата со податоци од стран ана надлежните како услов за стартување на е-дневникот, паѓањето на системот и слично. Наставниците  според професорката се соочуваат со досега невидени зафати кои ги оддалечуваат од нивната базичната работа со деца и ги претвораат во административци кои мака мачат со новонаметнатите обврски, а што за резултат има и чувство на несигурност, измореност и недоверба кон системот во кој се вложиле себеси. Вредностите системи се сменети, наставниците се во константна состојба на притисок, учениците се во константна состојба на следење на безмилосниот процес на етаблирање на импровизации наместо валиден образовен систем. Дополнително екстерното тестирање како една од најкритикуваните реформи чии резултати наместо да служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем станаа метод за заплашување, казнување и продлабочување на недовербата во системот. “Во целата лепеза на зафати кои му се случуваат на образованието, екстерното тестирање, можеби е  најболната точка во целата долготрајна реформа. Oд страна на фелата се дефинира како комплетно непознавање  на суштината на оценувачкиот процес, аспектите на следење на учениците и нивниот напредок. Системот на оценување подразбира континуитет, а не вреднување во инцидентни ситуации. Оценката подразбира следење на ученикот од сите аспекти – усно изразување, писмени резултати, креативност, проектни задачи, способност за личен став и израз, активност. Системот на оценување не го дефинира наставникот како  добар или лош, затоа што е само еден аспект од неговата работа”-додава професорката Секирарска. Наставникот според неа  е предавач, педагог, психолог, учител и пријател кој  како резултат на својата професионална подготвеност умее да го извади на површина сиот потенцијал на ученикот и како таков соодветно да го следи и вреднува. Со самото тоа,вели  екстерниот тест не смее да има било какви импликации врз нивниот успех и во никој случај не смее да влегува во нивните свидетелства, особено кога е во прашање негативна оценка добиена на тестот, која како таква не смее да стои во завршен документ со кој учениците преминуваат во наредна година. “Казнувањето пак на наставникот врз основа на резултатот на екстерното тестирање е парадокс сам по себе. Не е алиби истакнувањето на фактот дека секаде во светот постои екстерното тестирање, затоа што истиот е сосема поинаку замислен – служи за детекција на негативностите во образовниот систем во насока на нивно елиминарање, а не се користи како алатка за санкционирање на наставниците”-објаснува професорката. Образованието според неа  мора  да биде сфатено како процес каде  може да се создадат основи за изготвување стратегии за развој преку поврзаност помеѓу различните нивоа на образование и нивна усогласеност. Па така образовните политики на средните училишта мора да ги следат резултатите од основното образование, а факултетите да ги следат потребите на пазарот  на труд. “Сите образовни нивоа треба да подразберат логична надоврзаност, слеаност и соодветен воспитно-образовен премин од едно во друго ниво. Пред се, осакатувањето на учениците во основното образование, како резултат на причините кои веќе погоре ги споменав, а кое резултира со слаби резултати со кои се преминува во средните училишта, не може да подразбере нивно напредување  и канализирање на нивните знаење. Учениците ги губат работните навики, имаат погрешни модели на приоѓање кон учењето и немаат мотивација да ги зголемат своите залагања во услови во кои може да се студира независно од успехот. Дисперзијата на високообразовните институции се покажа како погрешен чекор, затоа што за резултат има хиперпродукција на образУвани, но недоволно образoвани млади луѓе”-потенцира професорката Елизабета Секирарска. Општата хипокризија во сите сфери на општественото живеење како што вели само е надополнета со инсистирањето на оправданоста на ваквата дисперзија, затоа што освен кусорочното растеретување на Агенциите за вработување, а со самото тоа креирањето на многу посериозни долгорочни проблеми во поглед на реалните потреби на пазарот на трудот до вакви кадри, не постои друг ефект. За квалитетот на студирањето во вакви услови пак, според професорката  не може да стане ниту збор.    
Слично

Поврзани вести